Ја нарекуваат новата Ирис Апфел: Ова е најпопуларната возрасна блогерка

22 јануари 2021

Ирис Апфел може да се нарече пионерка во презентирањето на поинаков моден израз кај возрасните. Но, денес ситуацијата е поинаква. Има мноштво жени што се охрабрија да го покажат својото стил и да нагласат дека возраста не е ограничување, ниту пак возрасните жени се здодевни.

Токму таква е и Лин Слатер. Можеби нема еклектичен стил како Ирис, но дефинитивно ја има истата енергија. Има 66 години, претходно била забележана од неколку фотографи, па тоа ѝ носи учество во неколку модни кампањи. Пред шест години почнува со блогот @iconaccidental, име кое всушност во прв момент е шега на нејзина пријателка, која ќе ја нарече „случајна модна икона“.

И оттогаш започнува нејзината сериозна авантура. После 20 години работа како професор по социјално право, се пензионира и комплетно му се посветува на блогот.

„Бргу ми здосадуваат работите и секогаш барав нешто ново. Не мора да ја прифатите кутијата во која општеството сака да не' стави“, вели блогерката која ја следат преку 700.000 луѓе на Инстаграм.

„Најмногу ме следат млади од 25 до 35 години. Инаку, можеби не изгледа на прв поглед така, но јас сум интроверт. Пред да почнам да се занимавам со блогерството, не дозволував луѓето да ме фотографираат. А сега, го правам тоа, но често со очила за сонце. Тие на некој начин ми даваат сигурност, па сум ги носела дури и на писта“, открива Лин.

Инаку, таа потенцира дека нејзиниот блог пред се' бил наменет за возрасни жени кои сакаат интересен, но не и ексцентричен стил.

Токму затоа, на нејзиниот профил ќе видите и креации во боја, принт, актуелни модни парчиња, но сепак во склад со нејзината личност и возраст.

Воедно, иако не е стилист, почна да им помага и на други жени, најчесто повозрасни, но строги ограничувања сепак нема, да го редефинираат својот стил. Лин бара да ѝ кажат три збора што најдобро ги опишуваат, а потоа им помага во тоа што би требало да има, односно да нема во нивниот гардеробер.

Погледнете каква модна приказна презентира оваа жена, која очигледно е инспирација и за далеку помлади:

 

Објавено:
22 јануари 2021
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
2.889 пати