Кога дамите 40+ доминираат...

16 јануари 2019

На неодамна одржаните „Critics Choice Awards“, дамите во зрелите години вистински заблескаа. Нивните модни комбинации беа одраз на современост, софистицираност и стил.

Токму затоа ние ве потсетуваме на нивниот изглед, кој сигурни сме ќе ве инспирира:

 

Добитничката на наградата за Најдобра актерка, прекрасната Глен Клос (71) се појави во долго здолниште на фалти, во комбинација со долго палто - трендовска комбинација приспособена за возраста и телото. Оваа металик креација на Габриела Херст е совршен избор за актерката која е веќе во осмата деценија од животот и изгледа прекрасно.

Актерката Алисон Џени (59) го привлече вниманието со бела креација од дизајнерката Алберта Ферети. Се работи за софистицирана комбинација која се состои од бели панталони со широки ногавици и горен дел кој наликува на пелерина, која напред е пократка, а во задниот дел подолга. Овој комплетно бел стајлинг, што совршено ги сокрива деловите што и сакате да ги сокриете, го надополни со ефектен сребрен ѓердан и алки - модерно, женствено и софистицирано!

Од друга страна, нејзината колешка и врсничка Патриција Кларксон се одлучи за црна варијанта. Се работи за фустан со долги ракави, кои на ракавите имаат сребрени детали, во предниот дел е со деколте на V и шлиц. Уште поинтересна ја прави тоа што има џебови во предниот дел, сосема тренди и младешки момент, а во задниот дел има и „опашка“ од тенок материјал. Доволно провокативно и женствено истовремено.

Убавата Реџина Кинг (48) блесна во елегантна креација на „Мајкл Корс“. Правиот крој со страничен шлиц, но уште повеќе убавото деколте и откриените раменици ги истакнуваат сите убави делови на актерката. Дискретниот сјај на фустанот дава и доза на гламурозност.

Меги Гиленхал (41) - Иако Меги е најмлада во ова друштво, сепак нејзиниот фустан е прекрасен и може да биде совршен избор за дами од различни возрасти. Креацијата е на Прада, а се работи за златен долг фустан, кој има впечатливи набрани ракави. Тој детаљ е доволен за да го сврти фокусот, а брусните во предниот дел ја истакнуваат половината дополнително.

Чиј  изглед ви се допаѓа најмногу?

Објавено:
16 јануари 2019
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
683 пати