Модна ретроспектива

Маја Оџаклиевска - Дама која плени и со гласот и со убавината

15 април 2020

За помалку од недела дена, Маја Оџаклиевска ќе го прослави својот 66 роденден. Родена е во Скопје, на 21. април 1954 година, но со својот глас успеа да ги освои сите поранешни Ју-републики, но и пошироко.

 

Нејзиниот заштитен знак беше црвената бујна коса, но и широката насмевка од која не се откажа дури ниту во тешките моменти. Денес, црвената боја на коса ја замени со руса, но тоа не го смени фактот дека кога ќе ја видите, знаете дека гледате некој кој направил бренд од своето име.

Во едно интервју за нашиот медиум изјави „Сакав да траам, и успеав во тоа“.

Бохо фустан е секогаш добра идеја

Многу познати личности биле вљубени во неа. Не е тајна дека Бора Чорба бил еден од нив.

Беше една од првите жени на овие простори за кои можеше да се употреби зборот „дива“. Со својата појава, беспрекорно пеење, но и сценското движење, оставаше впечаток кој не можете да го заборавите.

Ние денес, ќе се осврнеме на неколку нејзини фантастични модни и сценски изданија, а некои од нив би можеле да ги „позајмиме“ дури и денес.

 

 „Сребрени улици“ е песна од 1985 година, испеана на фестивалот „Опатија“. Овој настап на МТВ веројатно е кон крајот на осумдесетите, но тоа што го носи, е еден од трендовите за ова лето. Фустан со карнери и шпанско здолниште - апсолутно посакувано парче за лето. Нагласените ракави и нитните се деатали што и денес се користат. „Тостирана“ фризура, односно коса половично собрана е фризура што ја носеа сите - од Витни Хјусотн (Dance With Somebody), до дамите од нашата естрада. Во второто виде е уште една варијанта на здолништата со карнери, односно кошула-фустаните во шански стил, кои ќе бидат актуелни и летово.

 

Уште една песна од 80-тите. Од овој стајлинг денес веројатно би ги позајмиле широките панталони со џебови, кои се одлично парче за „street style“ комбинации. Со тексасна јакна или маица и патики, денес е едно од најбараните парчиња меѓу помладата популација.

 

Цветен принт за пролет - ништо револуционерно би рекла Миранда Присли од „Ѓаволот носи Прада“, но факт е дека ова мини фустанче има свои верзии и денес. Нешто слично можеше да се најде во колекциите на британската дизајнерка Александра Рич, кај Ив Сен Лоран, но и во уличните брендови. Лелеавите ракави се оној ретро момент кој и денес кај некои модели се враќа.

 

Јакна со нагласени ракави во металик нијанса? И комплет од кожа со текстура од животински принт? Ова се најголемите трендови последните три сезони наназад. Не постои колекција во која нема да пронајдете некој од овие два тренда. Уште една инспирација од осумдесетите за светските дизајнери и уште еден моден погодок на пејачката.

 

Од стајлингот од овој спот од 1983 година веројатно пред се' би го позајмиле ременот. Широките ремени се повторно ин, а со тоа и нагласената половина, а и белите очила за сонце, се вратија на модната сцена на голема врата минатото лето, нешто што се носеше често во 60-тите и 80-тите.

Овој стајлинг од „Опатија“ од 1984 е совршен - тесно кожено здолниште, широк ремен и црно-бела кошула на риги, со асиметричен израз - немаме што да додадеме.

 

Уште една симпатична комбинација, која може да послужи за инспирација и денес. Комбинезон со широки ногавици и истакната половина е комбинација во која, доколку умеете да ја носите и ви стои на градбата, нема шанси да не ве забележат. 

 

Широко палто, топ врз кошула, машки вратоврски - едни од најголемите трендови во 90-тите кои ни се вратија и во 2019, а продолжуваат да се актуелни и оваа 2020. Маја одлично умее да ги носи и кои и денес се совршена комбинација. Кога на тоа ќе додадете и „Ленонки“ како што носи и таа - впечатокот е комплетен.

 

 Слип фустаните каков што носи и Маја на овој настап се апсолутен тренд и сега. Сепак, се ставаат во малку поинаков моден контекст, кој подразбира малку нагласена доза сексапил, иако се носат и преку маици и со патики. Но, оваа комбинација со кардиган и ваква шапка е дефинитивно една од асоцијациите на 90-тите односно на модатата тогаш.

 

 Овој настап на Оџаклиевска од 90-тите е доказ дека оделата и тогаш изгледале одлично, исто како и сега.

 

 Корсет и транспарентна наметка? Може! Во денешно време ова би била одлична комбинација со џинс, а „Ленонките“ би го дале својот придонес за уште покул изглед. 

 

Луксузна верзија на сако со долго здолниште, а во комбинација со лента за коса. Впечатливите тантели и брокати се мошне актуелни последниве години на модната сцена, посебно кај нас, а ова што Маја го носи, не може да не се забележи. Изгледа како виситнска дама. 

 

Црн фустан со бисери - комбинација за сите времиња. Познато е дека секоја жена во својот гардеробер треба да има макар еден црн фустан за сите прилики. Ова е само уште едно издание во која Маја покажа дека е дама, а и умее да изгледа така.

 

Нејзиниот темперамент отсекогаш бил забележлив на сцената, но се чини после овој спот за „Да будеш једнако добар као што сам ја“, сите сфатија каков секапил, заводливост и „дивост“ таа во себе поседува, а сепак на еден софистициран начин. Истиот стајлинг, но и страст ја красат и при изведбата на евергринот „Не допирај ме“. Во овие два спота, Маја е буквално холивудска дива и за таква ќе ја сметаме секогаш.

 

Објавено:
15 април 2020
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
2.822 пати