Мода 40+: Во шестата деценија оваа дама држи стилски лекции за жените од сите возрасти

27 јули 2020

На социјалните мрежи сведочиме за се помасовното присуство на средовечните жени кои созреани на секое ниво, се позитивен пример од кој може многу да се научи за негување на сопствениот дух и тело, но и за индивидуалниот пристап во одржувањето на препознатливоста на стилот.

Тоа се жените кои одамна престанале да ги следат правилата и креирале свои, жените кои изградиле имиџ како одраз на нивниот карактер, а не како огледало на манекените од излозите.

Тоа се жените што ќе ве охрабрат да бидете свои, но и жените кои се потврда за тоа дека годините се навистина само бројка.

Меѓу таквите, е и 51-годишната Кармен Гимено од Шпанија, чиј стил може да го посочиме како поттик и инспирација за сите жени независно на која возрасна група ѝ припаѓаат.

Нејзиниот Инстаграм профил е како разгледница во многу бои. Првиот впечаток што ќе го добиете за нејзиниот имиџ е дека таа не се плаши од колоритот, напротив на боите и дезените им отстапува широк простор. Нејзините фотографии од пролетната и летната сезона нудат изобилство на идеи како шармантните, лелеави, флорални фустани да ги комбинирате во вашиот секојдневен изглед со патики. Истовремено, ако сте со резервиран став во однос на интензивните бои, Кармен е пример што ќе ве мотивира да ги имплементирате во вашиот летен стил.

Размислувајте во боја, како што тоа го прави Кармен!

 

Објавено:
27 јули 2020
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
2.405 пати