Кон крајот на минатиот месец се случи HBO премиерата на серијата „The Undoing“ со Никол Кидман и Хју Грант во главните улоги.
Серијата се емитува еднаш неделно, а првата сезона има вкупно шест епизоди. Од досегашните четири, вниманието на модните познавачи, но и гледачите, го привлече изгледот на Кидман.
Таа во серијата ја толкува улогата на Грејс Фрејсер, терапевтка, чиј стил во голема мера го карактеризира бохо естетиката.
Многумина коментираат дека модните комбинации смислени од костимографката Сигне Сејлунд, одлично ѝ прилегаат на Кидман, бидејќи се многу слични и до нејзиниот личен стил.
View this post on Instagram
Популарноста на серијата, а воедно и на комбинациите на Кидман е толку голема, што повеќето од парчињата што ги носи во серијата, веќе не можат да се купат.
Меѓу нив е и темноцрвениот капут на „Макс Мара“ во кој се појавува уште во првата епизода.
Плисираниот металик фустан со потпис на „Живанши“, чија цена изнесува дури 7.577 евра исто така е на списокот на најбараните парчиња.
Но, веројатно, најголема прашина се крена околу капутот во боја на авокадо. Долг, со текстура и со качулка, направен од кадифе, овој капут е најбараното парче од серијата. Сепак, се работи за уникат, бидејќи капутот е создаден само за потребите на серијата. Костимографката го сошила со намера да добие парче со винтиџ, а сепак луксузен изглед и очигледно погоди во сржта.
Бидејќи интересот бил огромен, голем број од онлајн продавниците, повеќето од нив и непроверени, почнаа да го нудат.
View this post on Instagram
Несекојдневната боја и дезен направија овој капут да изгледа како да е крзнен и топол, а и лесно забележлив.
Покрај овие два модела, Кидман се појавува и во кариран капут, како и еден во бордо нијанса со строг крој.
Речиси и сите останати модни комбинации на Никол во серијата се беспрекорни. Доминираат темновиолетовите и темноцрвените тонови. Дезенираните марами се со потпис на „Етро“, додека овој темновиолетов софистициран фустан е креација од дизајнерката Роксанда Илинчиќ.
За најефектен моден додаток на секоја комбинација може да ја издвоиме фризурата што ја има во серијата. Во црвенкасто-портокалова нијанса, со раскошен волумен и кадрици, актерката буквално го фиксира вниманието.
Понекогаш има смели комбинации на бои, кои одат во прилог на бохо-естетиката инспирирана од 70-тите, додека пак, друг пат има светли комбинации, каде доминира свилата како материјал, но сепак прилично впечатливо украсени (пелерината, капутот).
И доколку овие комбинации би ги замислиле на Рис Витерспун или пак Лора Дерн, на кои претходно им била понудена улогата, но ја одбиле, не би го имале дефитивно истиот ефект, што е само показател дека за едно парче да биде впечатливо, во голема мера придонесува и тоа како некој умее да го носи.
А Никол Кидман дефинитивно умее!
фото: Instagram.com; Pinterest.com;