Моника Селеш: Лавица која гордо ја носи секоја брчка

25 септември 2020

Моника Селеш, остана запаметена во спортската историја како најмладата тенисерка која го освои „Ролан Гарос", (го освојува на 16 години). Неверојатен талент, 178 недели беше на врвот на ВТА листата, односно беше најдобра тенисерка на светот.

Во текот на кариерата освојува 53 титули, 9 грен слема, но за жал покрај талентот, остана запаметена и по нападот од 1993 година, кој го доживеа на тениски терен, прободена од  опсесивен обожавател на Штефи Граф.

По немилиот настан ќе помине две години во мирување, а потоа ќе се врати на теренот. Последниот професионален меч го изигра во 2003 година.

Во меѓувреме се посвети на јогата, се бореше со булимија и психички проблеми. Нејзината борба и искуство ги преточи во книга.

По спортското пензионирање, живее повлечен живот, далеку од очите на јавноста. Со години наназад живее во љубов со милијардерот Том Голисан. Бурни беа реакциите на нивната врска, со оглед на тоа дека тој е 32 години повозрасен од неа и дека тој има три брака зад себе. Сепак, тие двајца и денес се заедно и живеат на Флорида.

Минатата година се појави на спортските награди во Монте Карло, во елегантен фустан и патики, останувајќи доследна на спортската естетика до крај.

Сега пак, повторно го привлече вниманието на јавноста, објавувајќи фотографија како дел од кампања за еднаквост во спортот, на која се приклучија и други тенисери.

Имено, се работи за одбележување на 50 години од борбата на Гладис Хелдман, која успеа да ги мотивира најпознатите тениски женски имиња во 1970-тите, меѓу кои и Били Џин Кинг, да го бојкотираат турнирот во Лос Анџелес. Причината била нееднаквоста во заработувачката. Имено, мажите на мажите на турнирот им се плаќало дури осум пати повеќе отколку на жените.

Со слоган „Еден долар менува многу“, денес некои од најпознатите тенисерки во светот ја одбележуваат 50-годишнината од оваа борба на Гладис за родова еднаквост.

Сепак, Моника со објава на својата фотографија успеа да привлече внимание повеќе врз себе отколку врз кампањата. Со оглед на тоа дека ретко објавува фотографии, нејзините обожаватели и следбеници на социјалните мрежи имаа шанса да видат како таа изгледа.

Предизвика различни коментари, од тоа дека изгледа премногу слабо, до тоа дека оваа 46-годишна жена достоинствено си ги носи годините и борбите и животот.

Селеш пак, во едно интервју од минатата година подочи дека со тренинзи и здрава исхрана успеала да го оттргне вишокот килограми и дека после долго време се чувствува одлично.

Објавено:
25 септември 2020
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
5.966 пати
Тагови: 
Моника Селеш