10 модни совети на Карин Ројтфелд

3 март 2018

За Карин Ројтфелд ќе речат дека е француската верзија на Ана Винтур. Оваа модна уредничка и дизајнерка важи за една од најдобро облечените Французинки, а иако има 63 години, начинот на кој изгледа и на кој се облекува прави годините да исчезнат.

Во продолжение ќе ви презентираме 10 модни совети, за кои таа верува дека секоја жена од стил треба да се придржува:

 

#1 Црни здолништа никогаш не може да имате премногу

„Купувам премногу црни здолништа. Имам 20 верзии на исто здолниште. И најчесто се облекувам исто. Некогаш многу носев “откачени“ работи, но сега кога станав баба, сакав да изгледам малку поинаку“. 

 

#2 Вашиот стилски потпис е начинот на кој ги комбинирате работите

„Еднаш видов девојка што носеше кафено палто од твид и ѝ реков, „Ми се допаѓа твоето палто“, не сфаќајќи дека се работи за палто од мојата колекција. Кога парчето совршено му прилега некому, тоа му припаѓа. Не е важен брендот. Не му припаѓа на брендот. Првин ја гледате личноста, потоа палтото. Вашиот стил се огледа во начинот на кој ги комбинирате парчињата“.

 

#3 Игнорирајте ги трендовите

„Сите носат облека со цветен принт, а вас воопшто не ви се допаѓа? Во тој случај немојте по секоја цена да купувате такви парчиња, па макар биле и најпопуларни. Трендовите доаѓаат и си заминуваат, класиката е таа што никогаш не излегува од мода. Класични панталони наместо оние со цветен принт ќе ги носите многу повеќе и подолго од некои трендовски“.

 

#4 Не ги копирајте комбинациите од писта

„Не препорачувам копирање на она што ќе го видите на писта. Насекаде ќе посведочите на имитации. Сите ќе ја носат истата блуза со истиот принт и секако дека бргу ќе ви здосади. Затоа, препуштете се на сопствениот моден инстинкт“.

 

#5 Запознајте го своето тело

„Мојот стил е едноставен, но и мошне специфичен. Сè се сведува на пропорција и силуета. Многу години купував облека која потоа ја менував, затоа што никогаш не ми стоеше онака како што јас сакав. Кога ќе го запознаете својот облик на тело, тогаш и ќе знаете како да се облечете. Можеби трапезните панталони се тренд, но на ниските жени тоа не им стои. Затоа, не трошете пари на нешто во што нема да изгледате добро“.

 

#6 Мешајте “машки“ и “женски“ парчиња

„Слободно земете го палтото или кожената јакна од вашиот партнер и искомбинирајте ја со свилена кошула. Од машкиот плакар можете да позајмите и класична кошула и да ја комбинирате со вашето омилено сако и џинс. Кога ќе престанеме да се оптоваруваме околу поделбата на облеката на машка и женска, ќе добиеме сосема нов и поширок видик и можност за нови модни комбинации и експерименти“.

 

#7 Никогаш не експериментирајте со скапа облека

„Во ред е да се флертува со трендовите, но ако често купувате облека што не ја носите, тогаш само губите. Подобро ризикувајте со евтина тренди облека, отколку со скапа. Кога се скапите парчиња во прашање, во тој случај подобро е да си дозволите класично парче, да играте на сигурно и да имате совршено парче во секоја сезона или пригода“.

 

#8 Кројачот е ваш најдобар пријател

„Не фрлајте облека, преправете ја. Поради масовното производство , често облеката што ја купувам не ми стои совршено, затоа не ја фрлам туку ја преправам. На тој начин, можам да направам и парче од уличен бренд да изгледа многу поскапо. Едноставно морам да сменам. Никогаш не сум задоволна. Или е премногу долго, или премногу кратко, премногу широко, тесно....“

 

#9 Покажете малку кожа

„Јас сакам да покажам малку кожа. Сметам дека изгледа убаво. „Слип“ фустаните се одлични или маичките на прерамки. Исто така, не сакам премногу високи околувратници на блузите и џемперите. А секогаш можете да ги подигнете и ракавите на џемперот, сакото или блузата, што е ефектно, а безболно решение“.

 

#10 Кога не знаете што да носите, вратете се на удобната облека

„Ни јас не сум имуна на реченицата „Немам што да облечам“. Тоа на сите ни се случило. Тогаш ја излвекувате сета облека надвор, па се враќате на она што знаете дека сигурно ви прилега. Тоа се секогаш истите блузи, истите капути, кошули... Ви треба нешто во што ќе се чувствувате удобно, посебно ако сте изморени или не ви е денот“.

Објавено:
3 март 2018
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.132 пати
Извор: 
stylist.co.uk