Шари инспирирани од Азија, пруги и квадрати, стилот од 60-тите години се само неколку од трендовите забележани во колекциите за следната сезона.
60-ти
Луј Витон/ Москино/ Мајкл Корс
Сезоната пролет-лето 2013 дочекајте ја облечени во смели парчиња со техниколорни шари од колекциите на Луј Витон, Мајкл Корс и Москино кои оддадоа призанине на стилските икони од 60-тите години Твиги, Франсоа Харди и Џејн Биркин преку мини-здолништа, фустани со А-линија, графички коцки, лакирани чевли, интензивни бои и деликатни мотиви.
Пруги
Долче и Габана/ Балман/ Марк Џејкобс
Оваа пролет сѐ е во знакот на линиит екои ги има во секакви форми – тенки или дебели, минималистички или психоделични, и кои овозможуваат графичка силуета. Во однос на боите, најзастапени се црно-белите комбинации, но се среќаваат и решенија со црвени,зелени и сини линии.
Коцки
Марк Џејкобс/ Балман/ Луј Витон
По прикажувањето на ревијата на Луј Витон, главниот дизајнер на брендот, Марк Џејкобс, изјави дека инспирација за пролетната колекција нашол во делата на уметникот Даниел Бурен, а коцкестите шари кои прават чувство на оптичка илузија се среќаваат и во линијата на Марк Џејкобс и кај Балман.
Ориентален принт
Етро/ Емилио Пучи/ Прада
Традиционалните источни шари сезонава се интрпретирани на модерен западен начин преку колекциите инспирирани од Азија во кои се употребени предзнаци позајмени од иконографијата на Ханој, Пекинг и Токио. Откријте ги мотивите на змеј, лотусов цвет, хибискус и божури кои доаѓаат од другата страна на светот и аплицирајте ги во вашата нова облека.
Смокинг
Ланвин/ Диор/ Селин
Играта со машки и женски елементи и понатаму продолжува да ги инспирира дизајнерите кои му се навратија на овој класичен тренд.
Карнери
Клое/ Гучи/ Живанши
Креаторите употребија набори за да ја омекнат строгата правоаголна силуета и да создадат сензуален ефект. Во колекциите на Гучи и Живанши видовме примери на суптилно вметнување на карнери позиционирани најчесто околу вратот, на ракавите и околу половината.
Хаваи
Проенза Скулер/ Изабел Марант/ Кензо
За тропски шмек потребен ви е принт со рајски птици, цветови од хибискус и палмини листови. Често спомнувани во лоша и нестилска конотација (хавајка- кошула!), дизајнерите покажаа дека шарите инспирирани од овој егзотичен остров може да изгледаат модерно.
Сафари
Емпорио Армани/ Кензо/ Макс Мара
Креаторите ве носат на уште едно модно патување, овојпат во Африка, а за таа авунтура ви се потребни парчиња во сафари-стил.
Кимоно
Гарет Пју/ Хајдер Акерман/ Прада
Од самураи до гејши, оваа модна сезона може да се забележи значајно влијание од Јапонија, а авторите во колекциите прикажаа неколку верзии на реконтруирано кимоно.
Металик ткаенини
Бурбери/ Диор/ Жан Пол Готје
Без разлика дали се работи за светкав мантил кај Бурбери или корсетиран фустан во неколку различни метализирани нијанси, пролетва употребете материјали со заслепувачки сјај.
Плисирано
Клое/ Стела Макартни/ Рошас
Од романтично плисирано здолниште кај Валентино преку дискретните набори кај Стела Макартни, до волуменозното и лелеаво плисе кај Клое, плисираните ткаенини се еден од важните трендови за женствен изглед во оваа сезона.
Точки
Џорџо Армани/ Шанел/ Хајдер Акерман
Модата направи омаж на точкестиот фустан што Одри Хепберн го носи во легендарниот филм од 50-тите „Сабрина“, евоцирајќи женствена деликатност и софистициранот што со задоволство ќе ги примениме во следната сезона. Класичните црно-бели туфни се ултимативен детаљ со кој дури и минималистичката комбинација ќе ја направите да изгледа драматично.
Златни светки
Фенди/ Сен Лоран/ Ралф Лорен
Свечен фустан од златни пулејки и јакна со опточена со метални парчиња, пролетната облека е украсена со светки.
Близначки
Жулиен Давид/ Луј Витон/ Џорџо Армани
Големите дизајнерски имиња за време на своите последни модни ревии одлучија на пистата да испратат по две манекенки во исто време со скоро идентичен стајлинг.
Реси
Нина Ричи/ Ботега Венета/ Версаче
Од чарлстон-фустаните типични за џез-ерата од 20-тите до диско кралиците од 70-тите, акцентирањето со реси ќе доживее камбек оваа пролет.