Ако жените со облини претходно имаа проблем со изгледот на плажа и изборот на костим за капење, времињата се менуваат. Црниот едноделен костим што беше најчестиот совет за дамите со некој килограм повеќе, сега можете да го замените со костим за капење со принт, со дводелен, во интензивни бои...
Дури и брендовите почнаа да произведуваат костими за капење со големина 42 и 44 што исто така ќе ја олесни потрагата за омиленото парче сезонава.
Ние ви презентираме неколку идеи што веруваме ќе ве инспирираат:
„Сечени“ костими за капење
Ова е еден од најактуелните трендови сезонава. Бидете храбри и купете еден ваков. Ако се грижите за тоа дали ќе бидете „шарени“ од сонцето, тогаш користете го откако ќе го постигнете саканиот исончан тен и едноставно бидете „ин“.
Минималистички
За љубителите на минималистичката естетика, ова е добра вест. Некогаш не е лесно да се најдат едноставни, еднобојни костими за капење, но со оглед на тоа дека се во тренд, ова лето тоа не би требало да претставува проблем. Уште една добра вест е што ваквиот костим можете да го комбинирате со тексасни панталончиња или долги здолништа и да ги искористите и за долгите летни прошетки.
Костими за капење на врзување
Врвките се актуелен тренд летово, па тоа важи и за костимите за капење. Дали ќе се одлучите за врвки во горниот дел или долниот дел од костимот, не е важно, секако нема да згрешите.
Мрежа
Ако ви се допаѓа „сечениот“ костим за капење, ама сте скептик дека премногу кожа ќе ви се гледа, а не сте самоуверени, тогаш идеално решение се костимите за капење со мрежа.
Карнери
Иако можеби си мислевте дека карнерите се само за жените со мали гради, грешите. Ова лето ги има насекаде, а веќе неколку сезони се актуелни и кај костимите за капење. Одберете некој со поширок карнер и забавувајте се.
Асиметричен
Ако сте љубител на асиметрични модели, тогаш ова е совршен избор за вас. Костимите за капење со едно рамо ќе ве направат модерни и впечатливи. Асиметричноста е идеална за оние со изразена индивидуалност.
Патент
За практичарите пак, костим за капење на патент е остварување на сонот. Лесно се облекува и соблекува, а притоа е и секси и можете да откриете онолку колку што вие посакувате.