Бон-тон правила за стилот на формални забави

22 декември 2017

Кога се подготвувате за формална коктел забава, секогаш треба да имате на ум дека за ваков тип на настани секогаш треба да се следат одредени бон-тон правила кога е во прашање стилот.

Доколку постои конкретно пропишан дрес код за забавата, тогаш ќе покажете достојна почит кон домаќинот или организаторот на настанот, доколку се облечете според најавениот дрес код. Во случај кога нема пропишан дрес код на формална забава, ви посочуваме неколку универзални правила кои ќе ви помогнат да се одлучите за најсоодветниот изглед:

-Внимавајте на периодот кога се одржува забавата
Дневна или вечерна забава, може да направи разлика и во облекувањето. Во зависност од типот на забавата, преку ден може да си дозволите изглед што вклучува и соодветно одбран џинс со впечатлива кошула и високи потпетици што би го имале истиот ефект како и елегантниот црн фустан со суптилен накит за навечер.


-Стравувате од блескави детали?
Дури и доколку сте љубител на минимализмот, сепак не е лошо повремено да го „зачинете" вашиот аутфит со некој впечатлив, блескав детаљ. Особено овој период од годината, кога се организираат корпоративни празнични забави, може на малиот црн фустан да му додадете впечатливи обетки или пак масивен прстен.


-Кројот е исто толку значаен колку и должината
Иако мини не е опција, сепак тоа воопшто не го намалува изборот. Со оглед на тоа дека актуелните тенденции во голем дел се фокусирани на играта со кроевите, ќе најдете борјни варијанти на здолништа и фустани во интересни асиметрични кроеви, такви со миди должина или пак макси со странични отвори. Суштинскиот момент е да го одберете соодветниот крој за вашата конституција.

-Малиот црн (или друг еднобоен) фустан
Вечната класика – малиот црн фустан е секогаш сигурен избор. Но, нема да згрешите и ако одберете фустан во едноставен крој во некоја друга боја и го надополните со соодветен накит.

-Не инсистирајте на трендови
Ако е актуелен моден тренд, апсолутно не значи дека е соодветен на вашиот личен стил. Затоа наместо да инсистирате на трендови, имплементирајте го само оној новитет што се вклопува во вашиот стилски идентитет.

-Не заборавајте на шминката
Пред сè чисто и негувано лице, а потоа шминка соодветна на настанот. Никогаш не претерувајте, дури и ако се работи за свечен настан, туку внимавајте на тоа да изгледате свежо и со вистинската нијанса на кармин.

 

Објавено:
22 декември 2017
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.541 пати