Фустани што ги популаризираше Лејди Ди, а ги носиме и денес

19 мај 2020

Влијанието на принцезата Дијана е силно присутно и во современото живеење, што уште еднаш посочува на големината на оваа жена која не успеа да се вклопи во стандардите на кралското семејство, но успеа да го придобие светот на своја страна. Несомнено и во модната сфера направи вистинска револуција во безвременски размер. Една е меѓу најдоминантните модни икони на сите времиња, која на стилот гледала визионерски, пред своето време.

Затоа не е за изненадување, тоа што таа го носела пред децении да ја ужива популарноста и во денешната, актуелна мода.

Многу од нејзините модни инвенции креираа толку силен впечаток, што одреден изглед се поврзува и поистоветува со неа.

Никој не може да го игнорира нејзиното влијаие во популаризирањето на елегантниот црн фустан во сите негови изданија, од оној во припиен крој до колена до грациозниот макси фустан со голи рамена што го носеше на приемот во Белата куќа, кога танцуваше со Џон Траволта и фотографиите од таа вечер преминаа во историја.

Често можеше да се види и во фустани со асиметрични кроеви, на еден ракав, што се особено популарна тенденција и во актуелната мода.

Носеше и женствени фустани со суптилно деколте, ги откриваше и своите долги нозе, а сето тоа толку вешто и ненаметливо, што во секоја прилика беше на висината на неприкоснована дама.

Романтичните фустани со ситен принт и моделите на преклоп, природно се вклопуваа во нејзиниот стилски портрет, секогаш со доза на шарм и елеганција какви што само таа знаеше да прикаже.

Погледнете ја ретро галеријата во која веруваме дека ќе ги препознаете тенденциите што и денес се актуелни.

Фото: Инстаграм

 

Објавено:
19 мај 2020
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
3.205 пати