Њујоршката модна недела и официјални ги врати на писта (и во фокус) коктел фустаните. Удобните тренерки и лежерна облека останува за дома, а публиката сака надвор: на коктел забави, на места со гласна музика или на интимна вечера со најблиските. Дизајнерите ја препознаваат желбата кај своите клиенти да се дотераат и не ја игнорираат таа потреба која сега е поизразена од било кога.
Впечатоците од штотуку завршената Модна недела во Њујорк, го потврдуваат тоа. Голем дел од модните брендови кои тука ги презентираа своите колекции за идната пролет, ѝ се обратија на повозрасната публика со куповна моќ која сака да го надополни времето што три години го помина во спортска и лежерна облека.
Ќе започнеме по обратен редослед, со Мајкл Корс кој ја затвори Модната недела со колекција во која на пиедестал беа поставени женственоста и сексапилот, а неколку коктел фустани со длабоко деколте беа главни ѕвезди на писта.
Кај Каролина Ерера пак елеганцијата е водечка референца, која овојпат Вес Гордон ја интерпретираше преку една флорална и „среќна" колекција во која коктел фустаните се истовремено забавни, секси и притоа даваат чусвство на сигурност и зајакната самодоверба.
Том Форд не штедеше на сјај, светки и диско естетика. И тоа го прави за да биде забележано, неслучајно. Во неговата верзија нема простор за скромност.
Коктел фустаните се враќаат на голема врата.