Ако сезонава ја прашате било која девојка што прво ќе спакува за одмор, тогаш одговорот со сигурност ќе биде – кафтан!

Ова е единственото парче во кое задолжително мора да инвестирате ова лето со оглед на тоа што истото може да го носат буквално сите девојки без разлика на нивната градба и килограми.

Она што е исто така позитивно кај ова летно парче е тоа што можете да го носите на плажа, на ручек со пријателките, на романтична вечера, па дури и на некој летен настан кој не бара определен дрес код од вас.

Ако ги следите популарните девојки на Инстаграм, меѓу кои и Мирослава Дума, Попи Делевињ, Елена Перминова и уште многу други, ќе забележите дека токму кафтанот е нивен најголем сојузник во топлите летни денови.

Токму тие го популаризираа ова парче кое за кратко време стана едно од омилените на сите девојки кои сѐ повеќе обожаваат да го комбинираат со костим за капење за на плажа.

Кафтаните со векови биле едни од најпопуларните облеки во Африка, Средниот Исток и Азија каде жените ги носеле во најразлични облици и принтови.

Денеска, девојките за кафтаните ќе кажат дека тие се најдоброто парче за на 40 +, а истовреме се супер шик и модерни со многу можности за стилизирање.

Истите се толку егзотични благодарение на прекрасните принтови со кои изобилуваат, па ќе бидат прекрасен украс на секоја фотографија што ќе ја направите ова лето.

Последниве неколку месеци најубавите се чини ги прави талентираната дизајнерка Вита Кин од Украина која направи вистински бум со нејзините колоритни широки кафтани и неодоливи кошулки.

Девојките ќе кажат дека ги обожаваат и покрај високите цени по парче, а тоа може да се види и на нивните Инстаграм профили кои се преплавени со моделите на Вита Кин.

Доколку сѐ уште не сте заминале на годишен одмор, имате време да си набавите неколку и да уживате секој ден без да размислувате што да облечете и како да се справите со жештините. 

Објавено:
28 јули 2016
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
4.918 пати