Како да бидете забележани на модните недели?

2 април 2014

Сигурно до сега сте ги разгледале уличните стајлинзи забележани од модните фотографи кои по својата специфичност наметнуваат еден сосема нов тренд, односно се добива впечаток дека надвор од модните шоуа, се случува улична ревија каде секој се обидува да остави впечаток со нешто поразлично од другите, односно некое парче облека или моден додаток.

Сако во впечатлива нијанса

До сега неколку пати истакнавме дека вметнувањето на впечатлива нијанса во вашиот изглед, дефинитивно ќе ве издвои од целата толпа, без разлика дали тоа ќе биде некоја марама, чанта или чевли. Но сепак доколку ги следите трендовите, тогаш изберете сако во јака боја.

Иако многумина имаат проблем во комбинирањето на нијансите кои делумно потсетуваат на стилот во 60 – тите години, сепак добриот спој на модни парчиња може да ве направи да изгледате софистицирано во секој поглед. Ние ве советуваме изборот на нијансите да го правите во согласност со вашиот тен, коса и бојата на очите.

Федора капи

Ниту еден изглед не е комплетен без правилен избор на аксесоари. Променливоста и камбекот на некогашните трендови во модернистичка конотација  доведува до создавање на еден сосема нов правец во модата.

Неколку сезони по ред капите се задолжителен дел од изгледот на голем број познати личности, а новитет се федора капите кои по својата специфичност претходно наметнуваа лежерен изглед. Овој пат доаѓаат во сосема ново алтернативно издание и тоа како дел од машките стајлинзи.  Овој тренд особено беше впечатлив на модната недела во Њујорк.

Експериментирање со принтови

Австралијците дефинитивно ги владеат принтовите! Овој тренд никогаш не губи од својата автентичност, напротив е начин да направите драстична промена во монотониот изглед. Принтовите бараат храброст во комбинирањето, особено ако се работи за целосен стајлинг, а ние за претстојната сезона, ви препорачуваме лежерен изглед со цветен принт.

Бела нијанса од глава до пети

Класичната елеганција е безвременска. Изборот на аутфит во целосно црна или бела нијанса е добар избор кога не сте сигурно што да облечете. Но ние овој пат се одлучивме за белата нијанса која ќе внесе свежина во вашиот изглед, а исто така допринесува за истакнување на женственоста.

Блеснете со металик палто

Како во зимските, така и во пролетните колекции се забележува се поголемо влијание на металик трендот. Футуристичкиот елемент буквално беше вметнат како во модните додатоци, така и во однос на парчињата облека. Ние за крај би ви предложиле да си набавите палто со металик сјај, кое може лесно да го комбинирате како со еднобојни парчиња, така и со принтови.

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Тренд