Како да го сокриете стомакот после 40-тата?

10 ноември 2016

Многу жени после 40-тата се соочуваат со зголемување на килограмите од разни причини. Исчезнувањето на струкот може да предизвика губење на дотогашниот облик на тело. Приближувањето кон формата „јаболко“ некои жени мошне тешко го прифаќаат.

Но, за сè постои решение. А и модните комбинации можат многу да придонесат за добриот или лошиот впечаток. Сè што треба да правите е да внимавате на парчињата што ги купувате.

-Не носете тесни парчиња облека преку стомакот. Одберете блузи со набори или лелеави карнери. Заборавете на долгите тесни блузи, бидејќи тие ќе го истакнат токму она што не треба.

-Тесните панталони носете ги со долги, широки и асиметрични блузи. Дури и панталоните-хеланки доаѓаат предвид. Удобни се, особено во пределот на стомакот, а и малку ќе го намалат визуелно. Сепак, не носете ги со куси блузи, тоа е недозволиво.

-Создадете визуелно издолжена силуета со помош на долги кардигани, пончо-а, јакни или елеци. Правите кроеви се идеални за создавање на посакуваната „вертикална“ линија, што ќе ви додаде неколку сантиметри и ќе го пренасочи вниманието од стомакот. Дури и пократките, но со прав крој кардигани ќе помогнат во прикривање на проблемот, иако подолгите се подобри за визуелниот впечаток.

-Не нагласувајте го проблематичниот дел од телото со додавање на модни додатоци како ремени и тоа точно под стомакот. Нема потреба да го насочувате вниманието на она што сакате да го скриете, особено ако ременот го позиционирате така ниско. За некои жени, ременот во горниот дел може да биде од помош, особено ако се комбинира со горен дел што има принт или асиметрични детали.

-Одберете фустан што нема елемент или парче што е прилепено за стомакот. Асиметричните фустани се добар избор, како и оние со прав крој. Добри се и оние со поширок горен дел и здолниште со прав крој. Меѓу подобрите кроеви е и фустан со тесен горен дел, а пошироко здолниште, но ова не функционира кај сите жени.

-Не вовлекувајте ги блузите или кошулите во здолништата и панталоните. Носете ги одозгора, бидејќи во спротивно само ќе си направите „стомаче“ повеќе.

-Носете мидер и покрај тоа што за многумина од жените тоа е оптоварување и непријатно стегање, но навистина може да направи чуда за вашата фигура. 

Објавено:
10 ноември 2016
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
10.187 пати
Тагови: 
стил 40+ стомак жени