Крзнен елек - моден пандан во сечиј стил за есенва

4 октомври 2014

Покрај кожените парчиња, секогаш модерниот џинс и племенскиот накит, оваа есен на вашата модна листа на комбинации додадете уште една ставка – крзнен елек.

Еко – крзното  е вистински тренд за актуелната есен-зима 2014/15 сезона, а особено елеците од крзно кои трендсетерките и модните познавачи ги имплементираат буквално во сите стилови и изгледи.

Крзнените елеци како и претходната така и оваа сезона ќе имаат свое место на врвот, бидејќи се во совршен склад со актуелната мода од 70-тите години која се чини дека не е само врвна и водечка инспирација за зимскиот период, туку својот примат го задржи и во ready-to-wear колекциите за наредната  сезона.

Овие модни парчиња се идеални за сите обожавателки на слоевитото облекување, топли се и пријатни, а може да се носат врз јакна, џемпер или сако. Можат да се комбинираат со софистицирани, луксузени, тренди или гранџ визии, се зависи од вашите лични преференции во однос на стилот и креативната фантазија која ја поседувате кога креирате модни ремек дела.

Елеците изработени од еко – крзно одлично соодветствуваат со карираните ткаенини или со шик џемпери. За да постигнете слоевит изглед носете ги врз вашата кожена јакна. Во зависност од временските услови можете да ги ноите и врз кошула или супер секси макси и кратки фустани. Во однос на обувки крзнениот елек одлично се согласува и со рамни чевли, но и со оние на висока потпетица, високи или чизми до глужд, а зошто да не и со сандали. И покрај тоа што е есен тенденциите диктираат нови правила. Крзнен елек во комбинација со сандали и хулахопки е неверојатно добра модна приказна. Контрастот на стилови и парчиња создава неверојатен моден хаос во кој со сигурност ќе се пронајде секоја дама.

Во продолжение погледнете ја галеријата и овој викенд „прошетајте“ го вашиот крзнен елек низ градските улици.

 

Објавено:
4 октомври 2014
Категорија: 
Тренд