Машки модни трендови за есен-зима 2013/14

28 август 2013

 

Машката модна недела издвои неколку важни правци кои се однесуваат на машките трендови за претстојната студена сезона. Големите дизајнерски умови промовираа креативен склоп на идеи кои опфаќаат луксузна облека и модни додатоци кои истовремено се елегантни, кул, со спортско-лежерен карактер, за да одговараат на сечиј стил и вкус. Ако сакате да бидете во чекор со најновите машки модни тенденции, прочитајте што ви сервираа експертите како главно „јадење“.

 

 

Очила за сонце

Кога станува збор за очила за сонце, стариот атлетски стил не е веќе во мода. Несвесно или намерно дизајнерите се децидни : огледалните очила за сонце се хитот на зимата. Можеби затоа што изгледаат исто толку ледено колку и снегот по улиците, или пак бидејќи промовираат ретро шик изглед на маж кој во секој поглед е џентлмен. Овој тренд на очила беше актуелен во 90-тите, денес повторно е редизајниран и освежен. Дизајнерите се потрудиле не само да ги софистицираат рамките туку и да ги обојат во силни и пастелни бои, за да прикажат една маркантност и оригиналност во поглед на комбинацијата која ја носите. Без разлика дали сте гламурозен тип, кул момче или вистински господин овој модел на очила е совршено решение и кога носите костум, поло маица, широки фармерки или возите велосипед.

 

 

Морнарско сината боја е новата црна

И ова и не е некое изненадување, со оглед на фактот дека дизајнерите промовираа костуми во повеќе бои и требаше една од понудената палета нијанси да го заземе тронот. Дизајнерите кои ја наметнаа оваа боја како водечка во своите колекции се Гучи и Пол Смит. Медитеранско сина, аквамарин, тиркиз или кралско сина се тонови кои влегуваат во комбинација, ваше е да одберете. Класиката, елеганцијата и модерното се трите компоненти со кои се одликуваат парчињата облека обоени во бојата на небото и морето. Нагласете го вашето чувство за мода и стил, носете сино!

 

 

Машки чанти во портокалова боја

Ништо не може да биде повпечатливо од бојата на мандарината, која се покажа како омилена во дизајнерските кругови. Прогласена е за ИТ боја на модните писти во Париз, Милано, Њујорк и Лондон. Мажи ова е вашата есенско-зимска омилена нијанса на чанта. Ајде да видиме колку сте храбри кога се трендовите во прашање? Модните куќи, Салваторе Ферагамо, Хермес, Долче и Габана и Кристијан Диор се убедени дека оваа портокалово-црвена нијанса во комбинација со природни тонови како темно сина, сива или бела е полн погодок. Изборот на чанта е ваш, она што е важно е да биде портокалова.

 

 

Моторџиска јакна

Кожната моторџиска јакна повторно е во мода. Некои од најголемите модни имиња ја усовршија и ја промовирана на еден поинаков и мошне возбудлив начин.
Пол Смит, Кензо и Балман изгледа си земаа премногу слобода кога е редизајнирањето на кожните јакни во прашање, додавајќи и многу патенти и задржувајќи ја култната елеганција во духот на лошо момче. Со нов ажуриран изглед моторџиската кожна јакна ќе биде дефинитивно најпосакуваното модно парче кое ќе ја одбележи есента и без вашиот Дукати мотор.

 

 

Крпеници

Инспириран од стиловите на Хималаите, Луј Витон аплицираше многу крпеници во својата нова линија за мажи. И не беше единствениот моден бренд кој се одлучи на ваков чекор.  Band of Outsiders, ја подржа ваквата иницијатива, додавајќи ги црвената белата и сината како водечки бои, а Том Браун пак зема од двајцата помалку, и така крпениците ги комбинираше со џинс. Интересни модни мозаици на парчиња облека кои ќе го нагласат вашиот слободен стил и нескротлив дух.

 

 

Вертикални линии

Дезенот со вертикални бели линии, најчесто се аплицираше на панталони во црна боја.  Меѓутоа за наредната сезона вертикалната приказна малку се прошири. Имено, Жан Пол Готје линиите ги аплицираше и на кошулите и на сакоата. Заедно со Ann Demeulemeester and Acne понудија нов изглед и нова намена на вертикалните линии.

 

 

Униформирани јакни

Облеката инспирирана од универзитетските денови, можеби е тенденција која секоја година се провлекува во светот на машката мода, па така и овој пат. Универзитетските или униформирани јакни со секој нов тренд добиваат нов изглед кој е различен од претходниот, а имаат за цел секогаш да прикажат модерно момче кое има свој стил и ги следи трендовите.
Оваа сезона Кензо на овие јакни им додаде неколку екстра патенти, Филип Лим им ги измазни грубо скроените рабови на ракавите,а новата силуета збогатена со повеќе гламур и класика е дело на  Џулиен Дејвид , кој сакаше оваа јакна да не се перципира повеќе како спортско парче облека.

 

 

Широка предимензионирана облека

Мажите изгледа многу тешко се одделуваат од своите „широки“ парчиња облека во кои се чувствуваат лежерно и комфорно. Па така предимензионираноста како карактеристика не ги одмина есенските трендови за 2013/14. Велат сложни браќа куќа градат, па така и дизајнерите сите заедно понудија различни визии за удобност во стилот на задоволство на машката популација.

 

 

Здолништа за мажи???

Последен во групата трендови, но не и помалку важен, ама затоа важи за помалку контроверзен. Марк Џејкобс е виновникот кој продолжува со вградување на женски форми во машките модели. Овие дизајни беа предизвик и за Жан Пол Готје, Џулиен Дејвис и Рик Овенс кои многу смело им поставија предизвик на мажите. Да видиме дали оваа тенденција ќе биде прифатена!!!

 

 

Објавено:
28 август 2013
Категорија: 
Тренд