Моден детаљ што сите го сакаме - марами!

23 април 2014

Врзана на половина, префрлена преку рамо, врзана на зглобот од раката... Парче свила, памук или вискоза што во само неколку потези се претвора во ѓердан за на врат, приврзок на чанта или турбан – или наједноставно нејзиното височество марамата. Не е важно колку е „стара“, долга, кратка, нова, колоритна или еднобојна важно е да знаете дека со марамите  можете да го освежите вашето модно секојдневие.

Марамата не е само моден детаљ, туку претставува  и начин на модно изразување кај личностите што ја носат. Моден белег што е препознатлив за нечиј стил. Затоа денес решивме да ви понудиме неколку идеи како да ги комбинирате овие „крпчиња“, за да создадете уникатни модни визии.

Марамите со димензии 90*90 можете да ги замотате околу главата и да ги врзете во јазол на долниот дел од вратот. Идеално решение доколку не сте задоволни од вашата фризура тој ден и доколку сакате да презентирате лежерен стил низ градските улици.

За девојките бунтовнички со „откачен“ стил, турбанот би било идеално решение. Презентирајте поинаков моден концепт и излезете од границите на класиката.

Доколку пак, сакате марамата на глава без разлика дали е замотана или е во вид на турбан да ја комбинирате во малку покласична варијанта со која ќе изгледате дамски и префинето, тогаш одберете класично сако во стилот на Шанел и панталони. Покрај марамата на главата, на рамото префрлете подолг модел на марама изработена одсвила што елегантно ќе се бранува по должината на вашата силуета.

Марамите што се со димензии 40*40, па дури и помали, можете да ги користите за да ја украсите вашата чанта, како замена за ремен, интересна алка на зглобот од вашата рака или доколку имате две исти или слични марами можете да ги искористите како украси на вашите сандали и да уживате во долгото топло лето.

Креативната фантазија е вистински ризница од идеи, затоа еве уште неколку модни комбинации со марами. Пробајте да ја замотате марамата околу вашиот врат создавајќи интересен ѓердан. Можете да користите и повеќе марами со слични нијанси или принтови и да направите плетенка или пак, јазли. Одлично решение за топлите денови.

Уште еден инвентивен начин за комбинирање на марамата е да ја замотате околу главата така што краевите да ги врзете блиску до челото промовирајќи го актуелниот пин ап стил.

Сигурно ја разбудивме вашата инспирација, па затоа не чекајте, украсете ги вашите модни комбинации со марама.

Објавено:
23 април 2014
Категорија: 
Тренд