Модна недела Њујорк: Костими, кожени парчиња и пастелни плетеници за тренди мажите!

13 февруари 2014

Иако во најголем број колекции на светските дизајнери кои се претставија на модната недела во Њујорк можевме да видиме женска мода, имаше и такви кои ги посоветуваа и мажите што да носат следната есен/зима сезона.

За разлика од она на што досега сме навикнати, дизајнерите оваа година прикажаа навистина носливи парчиња како за жените, така и за мажите. Шик момците следната сезона ќе имаат можност да избираат помеѓу неколку трендови што беа претставени на овогодинешната модна недела во Њујорк.

Кожените јакни, пастелните плетеници и зимски капути, костимите во сива и беж боја, се само некои од парчињата што нашите драги момци треба да се погрижат веднаш да си ги сместат во плакарот!

DKNY

Мажите на DKNY следната сезона ќе бидат поелегантни од било кога! Брендот за сезоната есен-зима 2014/2015 креираше навистина одлични куси машки јакни претежно во црна боја, но и елегантни машки есенски капути кои беа совршено надополнување на и онака елегантните костими. Доколку се двоумите каква боја да ви биде костимот што го планирате за следната прослава, погрижете се тој задолжително да биде во темно сива или темно сина боја. Она што можеби не е носливо за секој маж, беа чевлите од колекцијата што имаа мала платформа во која дефинитивно не се заљубивме.

DKNY

En Noir

Одличниот Роб Гарсиа уште еднаш покажа дека дефинитивно многу добро ги познава мажите. Тој за сезоната есен/зима создаде едно сосема поинакво урбано, „лошо“ момче и го облече во кожени јакни, тесни панталони и по малку крзно. Со тоа, брендот ги направи мажите уште попосакувани за нас жените. И овојпат играше на сигурна карта, па така скоро сите бои кај машката колекција беа темни, односно претежно црни со по некоја бела маичка.

En Noir

Џереми Скот

Можеби најмалку нослива од сите колекции беше онаа на Џереми Скот и тоа како женската, така и машката. Дизајнерот претстави парчиња од соработката со Адидас, од кои многумина не беа воодушевени. Машките парчиња беа неверојатно колоритни, со неудобни чевли, со многу комбинации на бои, кожа во боја и што уште не. Тотално збунети, ние топло ви препорачуваме да се придржувате кон советите на другите дизајнери кои мажите за следната сезона ги гледаат како олицетворение на елеганцијата.

Jeremy Scott

Лакост

Ние обожаваме кога мажите имаат светли бои на себе и кога се полни самодоверба додека ги носат. Токму таков маж ни претстави и брендот Лакост, кој создаде одлични машки костими, комбинации од панталони, кошула и јакна во црвена, сина, темно зелена и беж боја што им прилегаа едноставно одлично на сите машки модели. Ниту од оваа колекција, како што беше случај и со другите, не изостануваа плетените џемпери, машките панталони, патиките и ранците што ќе ги гледаме кај тренди мажите следната сезона.

Lacoste

Мајкл Корс

Ние веднаш го сакаме тука, до нас, мажот каков што Мајкл Корс го претстави на неговата писта во Њујорк. Сите машки модели беа неверојатно неодоливи со волуменозните и удобни плетеници во меки и нежни бои кои едноставно потсетуваат на топла зима... Да се вратиме на парчињата! Дизајнерот покажа дека освен тоа што е голем познавач на жените и нивниот вкус, добро ги познава и мажите. Зимските капути во тренди беж и сива боја беа вистинско дополнување на одличните комбинации што дизајнерот ги подготви за мажите следната сезона: Заклучок: Никако нема да погрешите доколку следната зима одберете плетени џемпери, секси панталони и волуменозни зимски капути во нежни, пастелни бои!

Упсс! Сандалите нека останат на пистата!

Michael Kors

Николас К.

Вистински самоуверен и силен маж со неверојатна заштитничка улога ни претстави Николас К. на овогодинешната модна недела во Њујорк. Во неговата колекција имаше кожени јакни, тексас парчиња, плетени волуменозни џемпери, но и интересен моден додаток – гумени чизми! Иако многу ретко сме навикнати да ги гледаме мажите во вакво издание, мора да признаеме дека дизајнерот создаде одлични комбинации за смелите мажи на иднината. Боите и во оваа колекција беа оние за кои знаеме дека ќе бидат хит следната сезона: црна, темно сина, светла и темна сива.

Nicholas K

J. Crew

Немаше никакво сомневање дека J. Crew уште еднаш ќе создадат колекција по која ќе полудат сите мажи на светот. Сосема младешка, тренди и свежа колекција ни претставија дизајнерите на брендот преточена во урбани стрит парчиња со прониклива доза на машка елегантност. Во нивната колекција можеа да се видат тесни машки панталони, фармерки, супер тренди машки тексас кошули, зимски палта, капути и секако, неодминливите за следната сезона – „фраерски“ машки костими со свеж дух! Брендот ги почести мажите и со одлична колекција на модни додатоци, претежно топли шалчиња со возбудливи дезени. Чевлите беа апсолутно елегантни, од кои можете да избирате за свечена, вечерна пригода во црна боја или пак од оние кафените, сосема тренди за секојдневни комбинации. J. Crew мажот следната сезона ќе биде смел и ќе експериментира со чорапите во поинаква боја од чевлите, со ременот во интензивна боја и со панталоните до глужд во кои моделите изгледаа неодоливо секси!

J.Crew

Објавено:
13 февруари 2014
Категорија: 
Тренд