Модна прогноза за пролет 2015

24 јануари 2015

Со оглед на тоа дека времето во модната индустрија е динамично и трендовскиот часовник брзо ротира, веќе може да зборуваме за тоа што може да очекуваме од трендовите за претстојната сезона.

Иако не треба да се врзуваме за моментални тенденции и секогаш да претендираме да останеме доследни на нашиот личен идентитет, сепак оваа модна прогноза може да ни помогне како актуелните трендови да ги имплементираме во нашиот стил.

 

КАРИРАНО

Иако карираниот дезен воопшто не е новина, сепак оваа сезона дизајнерите најдоа нов начин да го реинтерпретираат во своите дизајни. Во флуиден фазон, кариранио дезен сега добива ретро предзнак. Особено актуелна ќе биде црно-белата комбинација, но и спојот на потопли тонови како ванила, праска и медова нијанса.

 

СУПТИЛНИ СЕДУМДЕСЕТТИ

Она што ги поврза повеќето дизајнери во нивната замисла за тенденциите за пролетно-летната сезона беше апсолутно навраќање кон слободниот дух на 70-те години. И во поглед на лесните и опуштени кроеви и во однос на фузијата од бои и принтови, реинтерпретираниот хипи стил ќе добие нова димензија. Ако минатата сезона приоритет беа женствените силуети од 50-тите и 60-тите, тогаш годинава приоритетот е резервиран за лежерниот бохо стил.

 

НЕОБИЧНА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ЖИВОТЕНСКИТЕ ПРИНТОВИ

Подгответе се на себе оваа пролет да ги носите сите „диви ѕверки“. На тронот ќе бидат суптилните верзии на животниските принтови, кои буквално како камелеон ќе се трансформираат во апстрактни форми.

 

МИНИМАЛИСТИЧКИ СПОРТСКИ ИЗГЛЕД

Луксузната спортска облека донесе нов бран свежина во модната индустрија. Најзаслужни за тоа се Александар Ванг и Шанел кои неколку колекции по ред го пропагираат спортскиот стил како тренд. Другите дизајнери и модни куќи ја прифатија идејата, па создадоа свои верзии на трендовски спортски парчиња, кои веќе не се само предизвик за типично спортските брендови.

 

ДВОЈНО ЗДОЛНИШТЕ

Слоевитоста веќе не е резервирана само за студените денови. Кога се комбинираат лесни и природни материјали, тогаш сосема пријатно може да се чувствувате и во повеќеслојна облека и во лето и пролет. Горно здолниште, односно негова комбинација со панталони  или дуплирани здолништа, се предвидува како трендовски хит за претстојната сезона. Во летната колекција на Дона Каран видовме одлични варијанти со здолништа врз панталони или такви со дупла верзија на парчето облека, што му дава една сосема нова функција.

 

 

Објавено:
24 јануари 2015
Категорија: 
Тренд