Најзначајните модни соработки на уличните брендови

23 април 2014

Шведскиот моден гигант H&M, пред извесно време ја најави соработката со еден од најмаркантните дизајнери на модната сцена – Александар Ванг. Беше само прашање на време кога креативната енергија со која што зрачи младиот Ванг ќе се пренесе и на пазарот за улична мода што е секогаш „жеден“ за облека со дизајнерски потпис и со достапни цени. Во текот на изминатите години модните експерти постојано водат вербални битки на тема: улични брендови и нивните колаборации.

 

Комерцијалниот слоган „prêt-à-porter за сите“, не им се допадна на сите дами кои што за слично парче облека кое може денес да се пронајде во H&M, плаќаа цени од неколку илјади евра за да бидат уникатни во своето модно изразување, но и за да ја нагласат својата платежна моќ и општествен статус. Денес границите не постојат, бидејќи уличните модни брендови веродостојно ги репродуцираат трендовите од пистите, па дури и ги потпишуваат модните парчиња со печат и потврда како оригинална нивна креација.

На пример, Мери Катранцу ја прифати опцијата да го стави својот потпис на уличен бренд и со оваа соработка да оствари поголем профит од продажбата на нејзините парчиња. Ова е одлично решение, отколку немо да седи и да гледа како слични дизајни на нејзините колекции се продаваат во продавниците на уличните модни куќи, а таа нема никаков финансиски надоместок за тоа.

Паралелно со дизајнерските колекции се развиваа и таканаречените „Celebrity“ колекции, кои што во суштина им задаваат големи главоболки на дизајнерите. Пред само неколку години почна да се шири бранот на голем број пејачки, актерки и старлети, кои што сами решија да дизајнираат свои колекции што подоцна ги продаваа во големите трговски центри по достапни цени. Една од ретките линии која што се закити со неверојатен успех е онаа на топ моделот Кејт Мос за Топшоп.

Кејт Мос за Топшоп

Кралицата на британската улична мода уште еднаш реши да „заплива“ во модниот океан и да дизајнира дури 42 парчиња облека за пролетната колекција на Топшоп. Нејзината прва линија вклучува многу парчиња во бохо стил, а водечката инспирација се многубројните фустани и јакни што таа сама ги купила во винтиџ продавници ширум светот. Мос никогаш не се декларира како дизајнер, туку јавно изјави дека го отворила својот гардеробер, извадила од него се што и се допаѓа и го однела на дизајнерскиот тим на Топшоп да направи нешто слично.

Карл Лагерфелд за H&M

Кога во 2004 година Лагерфелд ја објави соработката со H&M, модниот свет буквално одбиваше да верува дека такво нешто е можно. Вистината е дека Карл може да си дозволи еден ваков луксуз бидејќи има статус на модно божество и авторитет на кој што и денес ретко кој може да му конкурира.

Comme des Garçons за H&M

Ако Лагерфелд прв почна со рушење на бариерите што постојат помеѓу уличните брендови и дизајнерските куќи, модната дизајнерка Реј Кавакубо која што важи за жена - енигма на светската модна сцена одеднаш ги отвори вратите на своето авангардно царство и во него ги пушти креативците на шведскиот моден гигант на H&M.

Џил Сандер за Uniqlo

После неколкуте компликации во рамките на својата дизајнерска работа со кои што се соочи кралицата на минимализмот Џил Сандер, таа одлучи да соработува со јапонската куќа Uniqlo. Нејзината прва колекција лансирана есента во 2009 година во соработка со јапонскиот произведувач го привлече вниманието на светската јавност и на тој начин си го осигура своето место во јапонската  модна куќа за која што дизајнираше се до 2011 година.

Мери Кантранцу за Топшоп

Пред само неколку дена Мери ја најави соработката со спортската куќа Адидас за колекцијата што сигурно ќе биде хит меѓу женскиот дел од публиката кои што ги обожаваат нејзините бајковити дигитални принтови. Дигиталната магија Катранцу ја пренесе и на парчињата облека за колекцијата на Топшоп, што ја дизајнираше во 2012 година.

Џејсон Ву за Таргет

Миленикот на првата дама на САД ја освои американската публика со својата колекција што ја дизајнираше во соработка со Таргет. Препознатливите дамски силуети многу брзо беа распродадени, а младиот Ву во меѓувреме го прошири своето царство и доби ангажман во модната куќа на Хуго Бос.

Ланвин за H&M

Ништо не можеше да ја запре еуфоријата што настана кога H&M ја објави својата соработка со Албер Елбаз, креативниот директор на модната куќа Ланвин. Во долгиот ред на купувачи застанаа и дамите што редовно купуваат во продавниците на Ланвин. Сите сакаа на себе да носат дел од софистицираната магична колекција на Елбаз.

Прабал Гурунг за Таргет

Ретко која жена може да им одолее на коктел фустаните, а уште повеќе ако тие се продаваат по неверојатно пристапни цени. Таков концепт понуди Прабал Гурунг во својата колекција за Таргет. Парчињата доживеаја голем успех на американскиот пазар бидејќи можат да се носат секоја нова пролет.

 

 

Објавено:
23 април 2014
Категорија: 
Тренд