NYFW: пролетно-летна тренд прогноза за 2015

12 септември 2014

Првата од четирите светски модни недели заврши вчера. Следна дестинација за модните инсајдери, после Њујорк е Лондон каде за денеска е закажан стартот на тамошната Модна недела. Она што зад себе го остави Њујоршката модна недела се пролетно-летните стилски прогнози за идната година. Иако мал дел од дизајнерите експериментираа со своето чувство за естетика и носливост и излегоа од рамките на својата стандардна препознатливост, најголемиот дел останаа доследни на својот стил спакуван во нови тенденции. Она што е резиме на комплетната слика која ја понуди NYFW е дека идната летна сезона ќе уживаме во удобната и лежерна елеганција и дека стиловите се скроени во полза на нашето пријатно чувство во она што ќе го носиме.

 

Дами, нагласете ја половината!

Заеднички пресек во тенденциите кои ги прогнозираа дизајнерите на Њујоршката модна недела, апсолутно е нагласената половина. Женственоста најдобро се потенцира токму со акцент на половината, а креаторите оваа го имаа во предвид кога ги кроеја новите пролетни изгледи за следната сезона. Тенки ремени, кожени детали, нитни и елегантни колани послужија да го нагласат женствениот струк. Hugo Boss на пример минималистичките кроеви разиграни со геометриски принтови, суптилно ги акцентираше во делот околу половината со тенки ремени, а кај Марк Џејкобс пак милитари вреќестите фустани беа смирени со широки колани кои се претопуваат со бојата на фустанот. Кај Мајкл Корс пак, целата колекција е во знакот на женската елеганција така што овој тренд е само една од финесите кои дополнително придонесуваат за доминантиот дамски изглед.

 

Лето во црно и бело

Иако летната сезона е секогаш резервирана за весела колоритна карта која секако е присутна во голем дел од новите дизајнерски линии, сепак речиси и не постои дизајнер кој  покрај хипнотизирачките принтови, колор блок варијациите и јаките бои, не вметнал монохроматски изгледи во црна или бела боја или пак играл со комбинација од двете. Проенза Скулер играше со различни варијанти на црната и белата, некаде монохроматските комбинации беа разиграни со животински принт или геометриски пресеци, во друг случај пак имаме контарстни спојки на црна и бела, а во трет пример белата е единствена боја во изгледот кој е релјефно концепиран благодарение на миксот од различни материјали. Кај Вера Ванг пак можеби најизразено е присуството на црната боја која преовладува во комплетната нејзина летна колекција. Класични изгледи со глам-рок моменти, поврзани преку црната боја се присутни и во колекцијата на Diesel Black Gold каде на оваа тенденција и парираа ѕвездените принтови.

 

Слоевитост: здолниште + здолниште

Трендот кој продолжува од минатата сезона, а очигледно за следната претендира да достигне кулминација е слоевитото спарување на две различни здолништа или комбинацијата на здолниша и панталони. Холивудските дами кои сакаат да еспериментираат со стилот и храбро ги наметнуваат трендовите на црвениот килим, веќе направија стилски потег заснован на овој тренд. Па така, новите дизајнерски визии предвидуваат комбинација на здолниште со кошула, две различни здолниша изработени од различни материјали или спарување на здолништа со различна должина.

 

Спортска елеганција

Се чини дека да се биде опуштен и да се чувстваш добро во своја кожа, е во мода! Наместо тесни и неудобни парчиња, дизајнерите препорачуваат удобна елеганција. Панталони со висок струк кои во опуштена линија се шират до глуждот, поло маички, широки фустани, ниски чевли или такви со комотна дебела потпетица, елеци комбинирани со кошули видовме во колекциите на Томи Хилфигер, Александар Ванг, Versus Versace, L.A.M.B и други.

 

Современо огледало на 60-те и 70-те

Секогаш инспиративните 60-те и 70-ти години и овој пат беа креативен извор за дизајнерите. Хипи стилот го препознаваме во панталоните со висок струк со блага ѕвонеста линија, како и шарените асптрактни принтови во колекцијата полна со забава и позитивна енергија, а зад која се потпиша Дајан фон Фустенберг. Онаа другата, елегантната и женствена страна на 60-те години беше модернистички редефинирана во повеќе наврати како во колекцијата на Зак Посен базирана на елегантни кроеви, без многу експериментирање со боите, а и кај секогаш елегантната престава за жената на Каролина Херера овој пат со футуритсичка нота преку геометриски дефинираниот цветен принт.

 

 

Објавено:
12 септември 2014
Категорија: 
Тренд