Досега повеќе пати говоревме за тоа што ќе се носи актуелнава сезона, како да ги комбинирате парчињата, а овој пат ќе направиме рекапитулација на трендовите, но со парчиња од колекциите на македонските дизајнери, со кои се претставија на последното издание на Моден викенд Скопје.
Имено, голем број од она што се носи на светската модна сцена, се содржи и во парчињата со македонски потпис, така што добро разгледајте што нудат домашните дизајнери, одберете си парчиња што ви се допаѓаат и направете ја вашата омилена комбинација.
Комбинезони во различни варијанти
Едно од најактуелните парчиња. Практично, а во исто време и доволно атрактивно за вечерни излегувања. Тесни, широки, еднобојни или пак дезенирани, изборот е широк, а жените го сакаат затоа што изгледа убаво речиси на секој тип на тело, секако доколку го изберете вистинскиот крој.
Елена Лука, Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Стефанија Насеска
Модниот бренд Елена Лука на последната ревија за пролет-лето насловена како Златни узди прикажа повеќе модели наменети за помладата генерација, а еден од нив е токму овој комбинезон, комбинација од металик златна нијанса и црна, со што го прави трендовско парче. Металик нијансите се апсолутен хит оваа сезона, така што доколку сте љубител на ваков тип на материјали, ова парче е одлично. Иако кожата, односно нејзините варијации беа мошне популарни изминатава зима, трендот продолжува и оваа пролет, а Ирина Тошева и Росица Мршиќ го применија и тоа токму на ова парче. Стефанија Насеска пак, се одлучи за дезенирана варијанта и должина до над глужд, во комбинација со патенти, со што создаде комбинезон во младешки дух, кој одлично може да се комбинира и на чевли со високи потпетици, но и на рамни.
Палта со модни детали
Светските трендови предлагаат за оваа пролет да носите палто во пастелна нијанса, или пак со некој впечатлив дезен.
Росица Мршиќ (1,2), Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Виктор Цветановски
Нашите дизајнери се одлучија патентот да го вметнат во оваа комбинација, па така видовме неколку такви парчиња, како кај Росица Мршиќ на пример или Стефанија Насеска, а Ирина Тошева ги презентираше палтата во интензивни нијанси и ретро дезени. Младиот Виктор Цветановски се претстави со мини колекција во која забележително беше белото палто со црни паспули, во слична форма без патент, иако ефектот што го дава изгледа како да има таков моден детаљ.
Креации со неизбежниот цветен дезен
И ако очекувавте да видите нешто веќе препознатливо, креации од материјали со цветчиња, во пролетните колекции на македонските дизајнери тоа нема да го сретнете.
Антонија Ристовска (1,2), Европски универзитет - Лутина Кица, Hard to explain
Тие изненадија со поинакво презентирање на овој тренд и тоа со рачно изработени цветови од самите материјали, аплицирани врз посакуваното парче. Со таква техника се претстави Антонија Ристовска со колекцијата „Арт деко“, девојките од Hard to explain во колекцијата „Раскажувачот“, а таков обид имаа и студентите од Европскиот Универзитет.
Панталони со принт
Уште еден многу споменуван тренд, кој може да се комбинира на разни начини, во зависност од пригодата за која сакате да ги искомбинирате.
Бобан Илиевски, Ирина Тошева, Елена Спасовска
Бобан Илиевски дава предлог за една урбана варијанта на дезенирани панталони со блуза и модни додатоци, кобминација која може да се вклопи одлично во вашите дневни обврски. Ирина Тошева со дезенираните кратки панталони, односно бермуди и транспарентен горен дел во пастелни бои дава една лесна и летна варијанта. Елена Спасовска се одлучи за посвечена варијанта за дезенирани панталони во темни нијанси и транспарентна кошула.
Креации од тантела
Иако тантелата речиси никогаш не излегла од мода, сепак според светските, а и домашните трендови и креации, се чини дека никогаш не била попопуларна.
Јасмина Дракул, Мила Кадриу, Лидија Георгиева, Елена Лука, Оливера Штакоска
Пролетната колекција на Елена Лука во голема мерка беше во знакот на тантелата. Така панталоните од тантела се вистински погодок, како и апликациите на фустаните, кошулите и косата. Фустаните од овој материјал се исто така застапени, како и здолништа. За тантела се одлучи и младата дизајнерка Оливера Штакоска, чии креации се во бохо стил. Лидија Георгиева користеше детали од татнела за да ја нагласи сексапилната нота, додека Јасмина Дракул се одлучи за полуксузна употреба, создавајќи помеѓу другите и црна транспарента од тантела. Мила Кадриу пак, направи спој од тантела и пердуви со дезениран материјал, за сите оние што се љубители на комбинирање на различни материјали и текстури.
Парчиња со натписи
Иако не беа многубројни, не можеме да ги изоставиме.
Стефанија Насеска (1,3), Бобан Илиевски
За аплицирање на порака или натпис се одлучија Бобан Илиевски - Chic me baby one more time е еден од нив , и Стефанија Насеска од која може да се рече и дека очекувавме по некое такво парче, имајќи ја предвид нејзината претходна колекција. Ако минатиот пат преку облеката не праша Шчо напраифме, сега tete a tetе се соочи со македонската модна публика.
Спој од дезени
Ако барате дезенирано парче со македонски потпис, тогаш изборот Ви е навистина голем. Го има речиси во секоја колекција за пролет-лето.
Бобан Илиевски (горе лево), Ивана Костадиновска, Мила Кадриу, Лидија Георгиева (долу лево), Оливера Штакоска, Росица Мршиќ
Елена Спасовска се одлучи за точките, Росица Мршиќ покрај геометрискиот принт, употреби и животински, Бобан Илиевски ги одбра пеперутките... Но, дел од нив се одлучија и да направат микс, каков што е случајот на пример со Лидија Георгиева. Таа освен микс на дезени направи и микс на техники. Мила Кадриу исто така создаде фустан од комбинација на дезени, а и Оливера Штакоска си играше со нив...
Транспарентни парчиња
Елена Лука, Елена Спасовска, Ирина Тошева
Овој тренд се појави пред неколку сезони, но не планира да си замине наскоро. Имајќи го тоа предвид, нашите дизајнери создадоа парчиња токму почитувајќи го овој актуелен хит. Некои се одлучија за кошули, други за здолништа фустани... Изборот е голем, треба само да го одберете она што вас ви се допаѓа и она што ви изгледа примамливо за создавање на уникатна модна комбинација.
Дводелни комбинации
Иако фустаните се мошне популарни и најчести парчиња во пролетно-летната сезона, голем број од македонските дизајнери се одлучија за трендот кој подразбира дводелни парчиња.
Антонија Ристовска, Елена Лука, Орнела Јордановска, Данијела Савиќ
Кошули со панталони или здолништа, палта во иста комбинација се нешто за што нашите креатори и брендови сметаат дека треба да го имаме во нашите плакари. Има многу интересни комбинации што можете да ги направите и сами, но ние ви прикажуваме дел од оние што беа претставени на писта за време на последниот Моден Викенд во Скопје, односно на самостојни ревии. Антонија Ристовска понуди светли и свежи комбинации на панталони и кошули. Елена Лука предлага урбана комбинација на здолниште со апликации и тесен горен дел, совршена комбинација за вечерно излегување. Студентите од Европски универзитет се претставија со свои замисли за оваа сезона, играјќи си со боите, формата и материјалите. Данијела Савиќ предлага долго здолниште со висок струк и горен дел во форма на широк разресен тон.
Бобан Илиевски, Елена Спасовска, Мила Кадриу, Марјана Рујановска, Роберт Ивановски
Краток топ
Хитот што не ја одмина светската модна сцена, не не одмина и нас. Македонските дизајнери се обидоа да дадат свое видување на овој тренд. Hard to explain го вметнаа во својата андерграунд приказна, Стефанија во урбана, а вие можете да го искомбинирате во вашата. Треба само да одберете парче што ви се допаѓа.
Ивана Николовска, Hard to explain,Марјана Рујановска, Стефанија Насеска