Оваа пролет патиките комбинирајте ги со сѐ!

2 април 2014

Откако Карл Лагерфелд во својата последна колекција ги комбинираше спортските патики буквално со сите парчиња, повеќе од очекувано беше дека тие ќе владеат оваа сезона.

 

Всушност, веќе секој може да забележи дека патиките станаа „задолжително“ парче низ градските улици. Доколку до вчера патиките во комбинација со класични панталони и елегантна, кожена чанта беа модно злосторство, денеска тоа е повеќе од добредојдено меѓу девојките.

Омилениот избор меѓу трендсетерките судејќи по она што можеме да го видиме кај нас и низ светските метрополи, се моделите на Најк, Адидас и Њу Баланс.

 

Во однос на боите, девојките што се обожавателки на минималистичкиот стил, секогаш одбираат бели нијанси на патиките, за кои мора да признаеме дека некако и нам ни се најдраги бидејќи можат да се комбинираат со сите останати бои.

За вљубеничките во колоритот и комбинациите на повеќе бои одеднаш, тука се шарените „Најки“ кои што блогерките дефинитивно ги ставаат на пиедестал оваа пролетна сезона.

Она што ние можеме да ви го препорачаме е доколку немате дрес код на вашето работно место, задолжително облечете си патики. За погламурозен и сериозен изглед комбинирајте ги со класични панталони и палто. За сите останати прилики, комбинациите и можностите се навистина неограничени.

 

Ако сѐ уште не успеавте да си набавите еден чифт за вас или пак веќе имате, а сте во потрага по инспирација за комбинации, погледнете ја нашата галерија.

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Тренд