Неспорно е дека мајчинството е една од најблагородните, но и најсериозните животни улоги на една жена.
Периодот на бременоста пак, е предизвик од повеќе аспекти: жената доживува физички трансформации, психолошкиот притисок е секогаш присутен, здравиот начин на живот и одговорноста кон себе, но и кон новиот живот што го носи е максимална, а покрај сето тоа идната мајка треба да се чувствува убаво и пријатно во своја кожа.
За таквото чувство, стилот за време на бременоста секако има свое влијание.
Прво правило е: удобноста на прво место, но тоа никако не значи да се ограничите од задоволства на женствениот изглед.
Посебните линии наменети исклучиво за трудници, но и актуелните трендови што се во прилог на бремените жени (широки кроеви, А линии, бохо фустани, удобни блузони), нудат голем избор за стилски и шик аутфити.
Доколку сакате да се инспирирате, разгледајте ги комбинациите на вашите омилени стилски трудници (наши фаворити се Криси Тајген и Лив Тајлер) бидејќи идеја плус е секогаш добредојдена.