Романтично лето во бели креации од македонски дизајнери!

8 јуни 2015

Пред нас е долго, топло лето во кое дефинитивно треба да блеснеме во полн сјај! Како огромни обожаватели на безгрижните летни денови исполнети со луда забава, денеска ви предлагаме неколку бели креации од македонски дизајнери.

Секоја една креација е посебна на свој начин, а она што е супер кај секоја од нив е тоа што можете да ги носите за различни пригоди.

Модната куќа Елена Лука за ова лето ни нуди лежерен бел фустан без ракави, изработен од неверојатно пријате н материјал со стилски коцкички што и даваат романтична димензија и уникатност на креацијата.

elena luka

Од последната колекција „Енхалон“ на дизајнерката Ирина Тошева одбравме фенси бел фустан на преклоп со ременче на средината и впечатливи јаки во горниот дел. Фустанот таа го комбинира со  бела шапка која е одличен моден додаток за топлите денови.

irina tosheva

Талентираната Јована Филиповиќ за ова лето ни нуди интересен избор на здолништа, а од нејзината понуда ние денеска го одбравме овој бел модел од тантела со интересни детали од сина боја аплицирани во долниот дел.

jovana filipovic

Младата Лили Кадинска која работи под името Le Brand, нуди едно одлично, тесно бело фустанче со изразен отвор на средината, особено изразен со црна боја по рабовите.

lili kadinska le brand

Од последната колекција на дизајнерката Мила Кадриу одбравме нежна креација во млечно бела боја, која е како создадена за летните вечерни прослави каде треба да блеснете во полн сјај.

mila kadriu

Кога сме кај вечерните забави, во последната колекција на Олгица Ѓоргиева имаше неколку бели креации што навистина се истакнаа, но ние денеска го одбравме ова фустанче до колената, со ракави до лактите и рачно извезени нежни цветови во горниот дел.

olgica gorgieva

Росица Мршиќ пак, ни нуди една навистина елегантна, бела креација до колената, во која ќе се чувствувате одлично и посебно доколку таа е вашиот избор и за на работа, но и за деловни состаноци и летни дружења со пријателките.

rosica mrsikj

Младата Стефанија Насеска нуди едно од омилените парчиња на девојките сезонава, а тоа се белите панталони со висок струк, комбинирани со колоритен топ и шик палто што покрај тоа што е стилско, истото е одлично и за оние вечери кога ќе посакате да останете до доцна во ноќта.

stefanija naseska

Без разлика што и да одберете, бидете сигурни дека нема да останете незабележани!

Објавено:
8 јуни 2015
Категорија: 
Тренд