Се враќаат фармерките со низок струк - катастрофална модна одлука

30 март 2021

Безгрижни беа оние тинејџерски денови кога со своите 45 кг, можев да облечам  фармерки со низок струк, кроп топ и да изгледам (и да се чувствувам!) како Бритни Спирс или Кристина Агилера. 

Немаше девојче кое не поседуваше најмалку еден пар фармерки со низок струк, а правилото гласеше - колку понизок, толку подобро. Дури и моделите за машките беа толку многу ниски што носеа oversize маици со краток ракав, карирани боксерки па дури некаде кај колениците им почнуваа фармерките. Додуша, нивните беа екстра ниски и екстра широки, за разлика од оние за женските кои претставуваа сериозен предизвик за облекување после перење. 

Но, беа фантастични! Па ги носеа сите најпознати ѕвезди во тој период, а чувството беше секси, разиграно, штосно и ред други зборови кои ја опишуваат состојбата ,,сите ги носат, па ги носам и јас".

Ги комбиниравме со се' и сешто, а коментарите од баба ми да ги кренам фармерките секој пат кога ќе ме види, по извесно време престанаа да ми пречат. 

Можете да го замислите разочарувањето и негирањето на фактот дека по 5 години во мода, им дојде крајот и беа заменети со фармерки со висок струк.

Но, еден убав сончев ден ја сфатив заблудата со која сум живеела  сиот свој тинејџерски живот.

Во гардеробата на еден бутик, стоев пред огледало во тесен мини фустан во нијанса лаванда, кога ја доживеав својата Еурека. 

 

Ако пропорциите на женското тело се пошироки кај градите, па потесни во струкот, па повторно пошироки кај колковите, па стеснување кон нозете, моите изгледаа поинаку.

Под проширувањето кај колковите имаше уште едно стеснување, кое правеше фустанот на мене да изгледа очајно. 

Не ми беше јасно, бидејќи бев витка и ваквиот тип фустан требаше да ми стои совршено.

Минав 15 минути плачејќи во гардероба, откако сфатив дека моите омилени фармерки со низок струк, ми оставиле печат на телото кој си го носам и ден денес. 

Оттогаш, високиот струк си го зеде своето место меѓу тексасните богови, а јас научив да ги прикривам своите дупки под колковите. И мислев и се молев, тој хорор никогаш повеќе да не се врати во мода.

Но, гледајќи ги новите модни колекции периодов, сфатив дека Балман, Фенди и Версаче немаат проблем со фактот дека може да им ги упропастат телата на цела една генерација девојчиња кои дури сега се формираат, па го враќаат нискиот струк на фармерките во мода.

Благодарение на тесниот раб, кој завршува под колковите, девојчињата ќе си добијат уште една причина во иднина да не си го сакаат своето тело, а тоа може да потегне проблеми со самодовербата и личниот развој.

Да не зборуваме за пропратните моменти, како фактот дека седнувањето со ниски фармерки е спротивно на законите на физиката, дека постојано ќе треба да ги кревате, дека ризикувате заболувања на бубрезите и дека колку и да ви е секси долната облека, некогаш е посекси да си ја зачувате за себе. 

Со многу љубов кон модата и нејзината моќ да го менува светот, се надевам дека ова е само еден тренд кој молскавично ќе помине, или во најдобар случај, воопшто нема да го загриземе. А на оние кои ја креираат модата и сите оние кои го потценуваат нејзиното влијание, ќе им биде уште еден доказ дека таа е културолошка, политичка, емоционална, структурна сила во општеството, а не само индустрија на партали. 

Објавено:
30 март 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.058 пати