Седум топли парчиња што секоја жена треба да ги поседува во гардероберот

25 ноември 2020

Со промена на сезоната, доаѓа и преуредувањето на плакарот. Иако календарски има нешто помалку од месец дена до доаѓањето на зимата, сепак ниските утрински температури не' потсетија дека е време да ги ставиме во фокус топлите парчиња.

Токму тоа е фокусот на овој текст. Ако планирате да го средите плакарот или пак со почетокот на декември планирате да се почестите со некое топло парче, нашите предлози можат да ви бидат од помош.

Во продолжение прочитајте кои се седумте топли парчиња што секоја жена треба да ги поседува во својот гардеробер, а уште подобро е што сите се комплементарни меѓу себе и ќе ви бидат доволни за безброј комбинации:

Џемпер

Секако дека ниту една зима не може да помине без топол џемпер. Еднобоен, со шари или пак и едното и другото, одберете ги нијансите што најмногу ви се допаѓаат или кои лесно можете да ги вклопите со други парчиња. Можете да ги комбинирате со кошула, ролка и да се прилагодите на температурите. 

Ролка

А кога веќе ги споменавме ролките, тие се модна класика и основа за безброј зимски комбинации, особено ако се слоевити. Секогаш се актуелни, а сезонава посебно се популарни пастелните нијанси. Имајте неколку кои ќе ви ги олеснат комбинациите со останатиот дел од гардероберот.

Пончо

Ова парче е апсолутен моден хит сезонава, а воедно е парче кое ќе го збогати речиси секој ваш стајлинг. Еднобојни или со дезени, со реси, со или без качулка, во колор-блок варијанти , кратки или долги - изборот на модели што можете да ги најдете се навистина бројни. Освен што ќе ви обезбеди топлина, ќе го крене вашиот стајлинг на повисоко ниво. 

Кардиган

Ако барате практични зимски парчиња, тогаш кардиганот е вистинскиот избор. Долгите кардигани всушност можете да ги носите како мантили, а кратките можете да ги комбинирате буквално со се. Деловни панталони или џинс, здолниште или фустан, ќе добиете подеднакво впечатливи комбинации.

Блејзер

Блејзерот е еден од оние модни класици, идеални за секоја сезона. За зимската имајте еден подолг и изработен од квалитетен штоф, потенка чоја или од ткаенина која во својот состав има волна. Совршено парче за деловни комбинации.

Капут

Капут е од оние парчиња во кои вреди да инвестирате. Тежината не е мерило за топлината, составот е. Така што, гледајте да купите парче кое во својот состав има повеќе волна, а кое не тежи премногу. Сезонава посебно се актуелни капути во боја (розови, портокалови, зелени, сини...), па на тој начин ќе внесете боја во секојдневието.

Јакна

Како и за капутот, тешка јакна не секогаш значи и топла јакна. Сезонава се модерни монтки, кои се меки, лесни за носење, а топли. Таквите долги модели може да изгледаат како добар избор дури и за подотерани изданија. Ако сте спортски тип, тогаш инвестицијата во тенка јакна од пердуви ќе биде вистински чекор.

Плус:

Модни додатоци: Шалови како ќебиња, капи, термо чорапи и хулахопки се само дополнување на зимската палета модни додатоци кои треба да ги поседувате.

Објавено:
25 ноември 2020
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
3.121 пати
Тагови: 
топли парчиња