Септемвриски комбинации со колоритни дождовни чизмички!

3 септември 2014

Драги наши девојки, конечно дојде времето да ги извадите гумените дождовни чизмички од плакарот каде што ги оставивте минатата есен.

Со оглед на тоа што веќе добро знаеме дека во последниве години многу ретко го имаме оној преоден период кога се носат есенски чевлички, односно од сандали веднаш се префрлуваме на чизми, денеска е совршениот ден за отворање на сезоната.

Друго нешто што е исто така совршено, е тоа што ова се оние малку денови кога можете летните комбинации да ги комбинирате со чизмички и да изгледате подобро од кога и да е.

Бидејќи летово можевме да видиме дека голем број девојки се вистински обожавателки на кусите тексас панталони, сега е вистинското време кога истите можете да ги комбинирате со блузичка на долги ракави или дождовно капутче и кул колоритни гумени чизми.

Воопшто не двоумете се истите да ги носите и на работа, со тоа што комбинацијата би можела да биде малку поелегантна, односно кусите панталончиња да ги замените со некое интересно фустанче на пруги.

Гумените чизми се дефинитивно задолжително парче за оваа есенска сезона на дождови. Она што е супер е тоа што времето сѐ уште не е толку студено, па без проблем можете да ги носите и вашите омилени летни комбинации со овие чизмички.

Кога станува збор за модните додатоци, воопшто не двоумете се со овие чизми да носите и елегантни чанти, но и оние шапки што ги обожувавте во текот на топлите денови. Во постудените денови, дозволете задолжителен моден додаток да ви биде плетената капа која што одлично ќе се вклопи во вашите шик комбинации за преодниот период.

Објавено:
3 септември 2014
Категорија: 
Тренд