Што ќе носиме за на работа претстојната есен?

31 август 2020

Секогаш е позитивна промената кога ќе го освежите вашиот деловен имиџ со по некој нов детаљ, моден додаток или парче облека кое одамна го „меркате" во некој излог или пак кога некое старо и заборавено парче облека ќе го „оживеете" со нова функција.

Па така сега е вистинско време, пред почетокот на новата сезона, да размислите како да го надоградите вашиот веќе дефиниран деловен стил.

Секогаш земајќи ја предвид вашата работна функција и тоа дали вашето работно место веќе вклучува конкретна деловна униформа или има пропишан дрес код, може со мали и умешни стилски потези, да дадете индивудуална карактеристика на финалниот изглед.

Во случај кога веќе имате деловна униформа, тогаш тоа може да бидат мали, но ефективни стилски финеси како: впечатлив брош, марама, добар избор на чанта и чевли...

Кога пак, работното место ви дозволува вие да го диктирате својот деловен изглед, тогаш ја имате слободата (но не и да ја злоупотребите) секојдневно да спознавате нови можност на вашиот деловен имиџ.

Оваа есен пред нас отвора нови модни хоризонти што секако ќе ни помогнат да внесеме доза нова естетика во нашиот бизнис изглед.

Актуелните беж нијанси ќе бидат основата со која може да експериментираме во рамките на соодветното, па да ги комбинираме со поинтензивни нијанси со кои ќе постигнеме ефект на слоевитост во изгледот. Комбинацијата на принтови и различни текстури е секогаш добредојдена, а годинава акцентот ќе биде на карираниот дезен. Чизмите до глужд, лежерните кроеви, дамскиот изглед што вклучува панталони и здолништа со висок струк и секогаш атрактивните блејзери, секако ќе бидат од големо значење во дефинирањето на деловниот изглед оваа есен.

Еве каква деловна мода прогнозираме за оваа есен.

Фото: Пинтерест

Објавено:
31 август 2020
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
4.790 пати