Совршени комбинации за интервју за работа

26 март 2014

Облеката е медиум кој најдиректно зборува за вас. Во околности кои ви се особено значајни, треба да внимавате на вашата комплетна претстава вклучувајќи ја и визуелната. Еден од тие исклучително битни моменти за секој од нас е интервјуто за работна позиција, кога пред претпоставените треба да ја извадиме на тапет најдобрата слика за самите себе, а која треба да биде склоп од добри манири, правилно држење на телото, умереност во говорот и соодветно склопени парчиња облека, се разбира покрај сите професионални квалификации кои ги поседуваме.

Далеку сме од времето кога кодексот на облекување за работно интервју беше ригиден и ограничен на неколку бои и уште помалку различни парчиња облека. Денеска имаме огромен избор на соодветни комбинации во секој поглед: деловен, ама колоритен или романтичен, но смирен. Аксесоарите имаат значајна улога во заокружување на целината, дури и пресудуваат дали сме претерале или прецизно сме дозирале.

Не плашете се да внесете боја во деловниот свет. Секако дека работната позиција за која аплицирате има влијание врз вашата одлука, но независно од тоа боите ако се соодветно балансирани секаде се дозволени. Еден мал совет кој може да ви помогне во урамнотежувањето помеѓу боите, е да комбинирате црна или бела со други интензивни бои.

Покрај класичното сако и панталони, кои секако се добредојдени како алтернатива, комбинирајте миди или макси здолниште со кошула и кратко палто или храбро направете спој помеѓу различни принтови, па комбинирајте со аксесоари во неутрални бои. Монохроматските комбинации можеби се најсигурна варијанта, но за да ја избегнете монотоноста, внесете личен печат преку изборот на впечатливи аксесоари. Така на пример црниот блузон нагласете го со футуристички силвер накит.

 

Објавено:
26 март 2014
Категорија: 
Тренд