Стилистката Наушен Шах нѐ учи како да правиме смели комбинации!

28 октомври 2014

Благодарение на комбинацијата на нејзиното персиско и пакистанско потекло и неверојатниот стил што го поседува, фантастичната Наушен Шах е дефинитивно девојка со која вреди да се запознаете.

Стилистка, новинарка и креативна консултантка во неколку компаниии, Наушен Шах е девојка со неверојатно чувство за мода и создавање на шармантни комбинации.

Официјалното образование таа го стекнала во Италија на Институтот Полимода, по што продолжила во Њујорк каде ја добила и дипломата за модна дизајнерка.

Нејзиното истенчено чувство за мода и овозможило соработки со модни куќи како американската Кетрин Маландрино и Марио Моја, а одреден период работела и како дел од брендот на Зак Посен како асистентка.

Со нејзиното речиси 10 – годишно искуство, Наушен денеска покрај тоа што работи како стилистка на некои од познатите личности, а ангажирана е и за многу музички спотови и модни ревии, таа е и модна уредничка на модниот портал на Оливија Палермо.

Она што непрестајно воодушевува е нејзиниот неприкосновен стил со кој привлекува внимание каде и да се појави. Секогаш уникатна и посебна, таа е заљубена во еклектичните принтови и модните додатоци, додека чевлите и се особена слабост.

Како свои омилени дизајнери таа ќе ги истакне Хајдер Акерман, Дриз ван Нотен и Џунја Ватанабе.

Нејзините модни совети и секојдневни комбинации можете да ги следите на нејзината лична модна платформа „A Shah’s Life“ која за многу кратко време доживеа неверојатен успех.

Објавено:
28 октомври 2014
Категорија: 
Тренд