Тренд: Плетенини во лето

25 мај 2017

Една од асоцијациите на лето е бохо стилот, транспарентна тантела, бели парчиња, но и плетенини, особено ако се има предвид тенденцијата што ја наметнуваат модните брендови.

Имено, ова не е некој нов тренд, ќе се согласите, но е сè поприсутен. Веќе неколку летни сезони наназад бараме начин како да ги имплементираме плетенините во нашите стајлинзи.

Доказ дека ова не е новитет се и ревиите на модните брендови од пред неколку сезони. За пролет-лето 2016 година, Томи Хилфигер претстави колекција инспирирана од Јамајка, каде изобилуваат токму плетените, односно хекланите парчиња.

Долче и Габана исто така одамна го предвидоа овој тренд, а застапен е во понудата и на Мајкл Корс, „Мисони“, Салваторе Ферагамо и многу други... 

Модната куќа „Балман“ оваа техника ја вклучи и кај свечените креации.

Но, оваа сезона изгледа го доживуваат својот „бум“.

Ако сте од оние што имаат некое хеклано или плетено парче од младоста на мајките, или од бабите, време е да го извадите и да смислите како ќе го комбинирате.

Повеќето од нас ваквите парчиња ги чуваат за летен одмор и плажа, но во зависност од тоа како е имплементирана плтеката, постојат модели што можат совршено да се вклопат во вашиот секојдневен живот.

Ако немате идеја, се надеваме дека фотографиите во продолжение ќе ви помогнат да се инспирирате. Исто така, доколку целосно хеклана/плетена комбинација ви е премногу и не соодветствува на вашиот сензибилитет, тогаш одберете туника, здолниште или фустан со плетени детали, или пак чанта во тој стил.

Објавено:
25 мај 2017
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.158 пати