Трендови кои мажите ќе ги обожаваат оваа сезона

26 април 2017

Иако досега многупати пишувавме за трендовите кај женската мода што ќе владеат претстојната сезона, време е малку внимание да им посветиме и на момците.

Топлото и сончево време кое го имаме изминатите неколку денови и на кое долго чекавме е вистинска инспирација за шик комбинации со стилски парчиња кои е време да ги набавите, ако досега не го направивте тоа.

Популарните high street брендови чии продавници можете да ги најдете и кај нас, имаат супер колекции за мажи од кои можете да одберете тренди парчиња, но и такви со кои ќе останете доследни на својот стил.

Иако можеби веднаш ќе се сетите на популарниот Ник Слотер и неговите цветни раскопчани кошули, истите ќе бидат огромен хит ова лето, барем кога се жешките летни денови во прашање.

Комбинирајте ги со едноставна бела маичка одоздола и панталони по ваш избор, а машките мокасини и влечките се секогаш омилени кај овој стајлинг.

За оваа преодна сезона, кога тенките јакни и кошулите на долги ракави сѐ уште се актуелни, маскирните парчиња и војничкиот принт се нешто на што секое момче треба да му даде шанса.

Воопшто не двоумете се ако видите некое свилено парче што ви се допаѓа, мислејќи дека тие се резервирани само за нас жените. Купете си модерна бомбер јакна или пак свилена кошула со добар принт и бидете уникатни каде и да се појавите.

Ако пред вас е некоја свечена прослава, ваша или свадба на пријател, тогаш карираниот костим е нешто со што дефинитивно ќе се издвоите од толпата. Одберете костим во светла варијанта и имајте на ум дека сивата боја е една од најпопуларните сезонава.

Маичките и кошулите со точкаст принт и секако, оние во пруги, и оваа сезона се must have кога станува збор за едноставните и секојдневни лежерни парчиња, па не заборавајте да си набавите барем по едно парче.

Што се однесува до џинсот, парчињата во светли нијанси со едноставен крој се нешто што мажите најмногу го бараат оваа сезона, а истото е случај и со моделите на патики и чевли кои сезонава доаѓаат во светли нијанси.

Објавено:
26 април 2017
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
295 пати