Впечатливи и удобни: Деловни комбинации кога температурите се над 30’C

2 јули 2020

Високите температури веќе ни станаа секојдневие. Навлеговме во топлата, летна сезона, а сето тоа подразбира и потреба од соодветна облека во која ќе се чувствуваме пријатно и ќе ни го олесни карактеристичниот летен ден.

Особено, кога деловниот изглед е во прашање, треба да посветиме внимание на повеќе аспекти. Од една страна парчињата треба да бидат прилагодени на нашиот деловен имиџ и работната функција, а од друга да бидат изработени од соодветни материјали што ќе дозволат лесна циркулација на воздухот и притоа ќе се чувствуваме комотно и пријатно.

Во тој контекст, голема улога игра ткаенината односно материјалот од кој е изработена облеката. Прво правило кое особено важи за летната сезона, е да бираме облека изработена од природни материјали. Ленот и памукот во овој случај, одлично си ја завршуваат својата рационална функција. Лесна, бела кошула изработена од лен, обична памучна маичка по кратки ракави, лелеаво здолниште или макси фустан во опуштен крој, секогаш се добар и соодветен избор што ќе ви помогне да го дефинирате вашиот летен деловен изглед.

Плетените шешири, очилата за сонце, сандалите на ниска или средно висока потпетица, се во потесниот круг на задолжителни модни додатоци со кои се надополнува летниот, деловен стил.

За инспирација, погледнете ја галеријата во која издвоивме неколку впечатливи и урбани, а истовремено пријатни и удобни, деловни аутфити.

Фото: Пинтерест

Објавено:
2 јули 2020
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
4.345 пати