Впечатливи изданија на секојдневниот стил

22 јануари 2018

Секојдневно, не мора да значи и монотоно. Со мала стилска умешност, дозирано експериментирање и со неколку парчиња облека што слоевито ќе ги споите во повеќе варијации, секојдневниот изглед може да биде забавен и навистина впечатлив.

Секогаш треба да имате во предвид дека деталите имаат значајно место во заокружувањето на комплетната слика, па затоа никогаш не ги занемарувајте. Шал, шешир, ремен или накит – може целосно да го трансформираат вашиот аутфит.

Следен значаен момент се есенцијалните парчиња во гардероберот – базични во сечиј стил независно од индивидуалниот имиџ. Бела маичка, џинс, сако, мал црн фустан, кошула, здолниште со висок струк – речиси сите ги имаме во плакарот.

Веројатно добар дел од нив се во функција на вашиот секојдневен изглед. Тоа е така затоа што лесно ги комбинираме со остатокот од гардероберот. Направете мал исчекор од вашата комфорна зона, и на обичната бела маичка или бела кошула, додајте ѝ го колоритниот крзнен шал што го носите само во одредени прилики. Или пак романтичното плисирано здолниште што најчесто го комбинирате со високи потпетици, за вашиот дневен изглед комбинирајте го со бели патики и предимензиониран капут, така ќе добиете сосема поинакво издание на реглуарното плисе здолниште.

Колор блок комбинациите исто така ќе го освежат вашиот секојдневен изглед, па направете избор на неколку основни парчиња (капут, панталони, плетени блузи), во различни бои и играјте со нивното меѓусебно комбинирање.

Инспирација следува во фото галеријата.

Објавено:
22 јануари 2018
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
1.925 пати