Браво за оваа инспиративна жена: Хроничната болест не ја спречи да креира забавен мејкап и да си ја врати самодовербата

5 август 2022

Како поранешен припадник на британската армија, 27-годишната Меган Фишер ретко посветувала поголемо внимание на шминка, а вештачки трепки биле незамисливи во нејзината рутина за убавина.

Но, сѐ се сменило во 2018 година, кога после породувањето преживеала сериозна инфекција на матката. Тогаш комплетно се променил нејзиниот живот и се соочила со доживотни последици предизвикани од инфекцијата, меѓу другото и епилепсија и гастропареза. Дијагнозата подразбира и алергиски реакции, хронични болки, а поради нејзината здравствена состојба мора да се храни со сонда и најголем дел од времето го поминува во инвалидска количка.

Овој пресврт во нејзиниот живот не бил нималку едноставен да се прифати, што се одразило на нејзиното ментално здравје. Оттогаш, со поддршка на нејзиниот сопруг барала начин како да си ги врати ентузијазмот и самодовербата.

Така почнала на својот Инстаграм профил @chronicmakeupartist да објавува фотографии со креативен мејкап поттикнат токму од хроничната болест, односно како одговор на потребата да си ја врати самодовербата и да создава нешто што ќе донесе позитивна промена во нејзиниот живот. Талентот за мејкап кончено си го добил своето внимание.

Уште со првата објава со мејкап во интензивни нијанси и акцент на сондата со која се храни, Меган добила огромна поддршка од интернет заедницата.

Оттогаш таа редовно ги инспирира своите 17 илјади следбеници на Инстаграм, со светлите и разиграни бои во нејзините еклектични мејкап изгледи, а што е најважно од сѐ, како што вели и самата, на овој начин придонесува за дестигматизација на лицата со различни форми на инвалидитет.

 

Објавено:
5 август 2022
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
499 пати