Зимата е дефинитивно годишно време во кое најмногу внимание треба да и посветите на кожата и на нејзината беспрекорна нега. Подеднакво како и во летните месеци кога ја штитиме од сонцето, во зимските месеци се јавува потреба од интензивна нега и заштита од студот.
Токму студот и сувото време се сериозни непријатели на здравата и мека кожа, која иако во текот на зимата ја заштитуваме со по неколку слоеви облека, нејзината еластичност сепак се губи, станува груба, дехидрира и секако се суши!
Еден од најголемите митови е дека внесувањето на големи количини течности е задолжително само во лето. Таа пракса е подеднакво важна и во студените зимски месеци, пишува Fashion.hr.
На сувата кожа и се потребни најмалку литар и половина вода дневно за да ја одржи рамнотежата и да си обезбеди доволно влажност.
Една од грешките што многумина ја прават во зимските месеци е туширањето со топла, па дури и врела вода. Таквата вода не само што ќе ве загрее претерано, туку и дополнително ќе ви ја оштети кожата. Барем на крајот од капењето, истуширајте се со млака, дури и малку студена вода што ќе ви ја разбуди циркулацијата што за многу кратко време ќе поттикне видливи резултати.
Светскиот хит на подрачјето на козметологијата и медицината, особено кај негата на кожата секако се маслата од кои кожата станува мека и свиленкаста. Експертите посочуваат дека за природна нега на сувата кожа најдобар избор е маслиновото масло кое веднаш ја освежува кожата.
Органското маслиново масло е одличен антиоксиданс и извор на масни киселини. За да го подобрите ефектот на делување на маслиновото масло, дури и вашето јадење „зачинете“ го со ова масло. Најпознатите масла со неверојатен ефект во борбата против сувата кожа се бадемовото, кокосовото, маслото од лаванда и од диви рози.
Освен што маслото од лаванда е задолжителен дел од сечија домашна аптека и често се користи во борбата против несоницата, нервозата и грчевите, истото има и исклучителни придобивки за кожата. Примената ја наоѓа и при лечењето на акни, воспаленија на кожата, убоди и слично. Неколку капки од етеричното масло од лаванда ставете во купката или едноставно користете го како дел од секојдневната нега на кожата.
Маслото од плодовите од дива роза е дефинитивно најкорисно кога станува збор за борбата против сувата и уморна кожа. Есенцијалните масни киселини и големото количество на А витамин што го содржи ова масло се идеални за регенерација на кожата.
Бадемовото масло пак, е едно од најкористените во козметичката индустрија. Тоа е богато со хранливи состојки, протеини, фруктоза, како и витамин Е и Б. Најдобро е да се користи ладно цедено масло, бидејќи така не губи од неговите лековити својства. Бадемовото масло лесно се нанесува, кожата брзо го впива, ја омекнува, а поради лесната текстура, лесно продира во длабочината на мускулите и ги опушта. Истото служи и како заштита од дерматолошките проблеми, ја одржува кожата млада, здрава и свиленкаста и секако помага при оддржување на нејзината природна влажност.
Четвртото подеднакво важно масло е кокосовото, кое е исклучително лековито поради тоа што содржи големо ниво на јаглехидрати, масти и витамини. Тајната на кокосовото масло се крие во неговата клучна состојка – лауринската киселина која има антибактериско и антивирусно делување. Поради исклучителните хидратантни својства, ова масло прави вистински чуда во борбата против сувата кожа. Токму затоа, доколку забележите дека вашата кожа е дехидрирана и почнува да се оштетува, веднаш посегнете по ова здраво и природно масло!