Како Твиги ја доби култната фризура која ја направи популарна?

13 ноември 2020

Лесли Хорнби стана британска модна икона и синоним за убавина во 60-тите, а се' благодарение на својата витка, дури и момчешка става, впечатливите очи со нагласени долни трепки и кратката „пикси“ фризура.

Во емисијата „Table Manners“ чии домаќини се пејачката Џеси Вер и нејзината мајка Лени, манекенката откри дека фризурата која подоцна многумина ќе сакаат да ја имаат, всушност таа ја добила мошне случајно.

Година 1966. Лесли тогаш има 16 години и еден ден се упатила во фризерскиот салон на еден од најпопуларните фризери тогаш, Леонард Луис, со намера само да ѝ ја измие и исфенира косата, која сакала да ѝ биде уште подолга од должината која во моментот ја имала.

Меѓутоа, Луис ја прашал, замолил, дали ќе сака да му дозволи на нејзината коса да испроба нова фризура.

„Рака на срце, не сакав, но бев мошне срамежлива и во тој многу убав салон во Мејфар ми беше премногу непријатно да кажам дека не сакам, така што само дадов знак со главата“, раскажува Твиги.

Од друга страна, во едно интервју за магазинот „Dazed & Confused“, фризерот се присетил на искуството со тогаш тинејџерката Лесли.

„Несигурно климна со главата, затоа што како и многу други девојки на нејзина возраст, сакаше да има долга коса. Во еден момент изгледаше како да ќе прсне во плач, но јас знаев дека момчешката фризура ќе изгледа одлично на нејзиниот долг врат и крупни очи“.

И покрај тоа што не била сигурна во одлуката, идниот ден се вратила и поминала седум часа во салонот, додека Луис ја средувал. Фотографот Бери Лејтган ѝ направил фотографии, сега веќе легендардни црно-бели потрети, кои Луис ги закачил во својот салон.

Лесли била кратко ишишана, а косата ѝ била посветла одошто била тогаш и таква се вратила на училиште.

Еден ден, во салонот на Луис влегола новинарка која ги видела фотографиите со Лесли и посакала да стапи во контакт со неа, што и се случило. Новинарката направила интервју со Лесли кое било објавено во „Дејли Експрес“, нарекувајќи ја лице на '66 година.

„Така се случи се'. Но, подоцна, навистина ја засакав таа фризура, Луис навистина беше неверојатен стилист за коса“, признава некогашниот модел.

Инаку, прекарот Твиги го добила од братот на нејзиното момче, бидејќи била тенка како гранче и воопшто не била среќна поради тоа. Никогаш не се ни надевала дека ќе стане модел и манекенка, бидејќи сметала дека не е доволно висока, бидејќи најчесто се барала висина над 175 сантиметри, а таа била висока 168 сантиметри, а згора на се', не доаѓала ниту од богато или познато семејство.

Во училиштето во кое учела секогаш се носеле униформи, а шминкањето било најстрого забрането. Затоа, со нетрпение ги чекала викендите, кога со пријателките излегувале и носеле облека која претходно не им била дозволена, а со текот на времето почнале да експериментираат со шминка и со нагласување на долните трепки, по кои ќе стане и препознатлива.

Објавено:
13 ноември 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
398 пати