Кога може Џеј Ло - можат и тие: Педесетгодишни жени ги покажаа своите стомачни

31 јули 2019

Џенифер Лoпез неодамна го прослави 50-от роденден, а најголемиот број од коментарите беа дека изгледа неверојатно! Таа и минатата година, а и оваа, се пофали со своите стомачни мускули, но пет “обични“ жени од Британија решија да го возвратат „ударот“ и да кажат дека не е Лопез единствената што изгледа добро на тие години.

Во продолжение ви ги пренесуваме нивните приказни, кои сигурно ќе ве инспирираат и ќе ве натераат уште денес да почнете со физичка активност која ве привлекува.

 

Џеан Хорак (50), правничка

Џеан има 50 години, разведена е и живее во Лонон. Работи во правна фирма и има блог за храна. Висока е 162 сантиметри, а тежи 59 килограми.

„Пред пет години на ски патека се здобив со напукнување на бутната кост на две места. Се соочив со рехабилитација која траеше со месеци и скенирањето покажа дека густината на коските ми е нешто пониска од просечната за мојата возраст и дека со менопаузата ќе биде уште полошо.

Покрај тоа што правев чудни аеробик вежби, почнав да одам во теретана, почнав да пешачам и да возам велосипед, сè додека не бев во можност да трчам. Научив како да го засакам вежбањето, па почнав да внесувам и тежини, клекнувања, стомачни. Исто така, почнав да внимавам и на исхраната. Се уште три до четири пати неделно сакам да се почастам со чаша вино и да уживам во пица. Сепак, трансформацијата е неверојатна. Веќе го немам подбрадокот и намалив два конфекциски броја. Можеби немам „плочки“ на стомакот, но имам виток, добро дефиниран и тониран струк на кој пријателките ми завидуваат. Минатата година, бев на шопинг во Јужна Африка со пријателка. Кога излегов од соблекувалната во розово бикини, таа ми рече: „Вау, од каде излегоа тие стомачни и тело?“. Неодамна се преселив во друга куќа, но не ми требаше никој да ми ги носи кутиите. Јас сум доказ дека е можно да ја сакате храната, да имате работа во текот на целиот ден, а сепак да најдете време да вежбате.

 

Дебра Геард (49),  основачка на клуб за трчање

Дебра Геард има 49 години и е основач на женска група за трчање. Живее со сопругот Том, кој е проект менаџер и трите деца на возраст од 15, 14 и 12 години. Дебра тежи 52.6 килограми, а висока е 152 сантиметри.

Иако мојот конфекциски број отсекогаш бил 34 и 36, во последните 18 месеци, јас успеав да го трансформирам своето тело. Никогаш не сум изгледала вака добро, ниту во моите 20-ти, а на прагот сум да наполнам 50 и веќе година дена сум во менопауза. Мојата тајна? Вежбање, кревање тежини и умерено јадење. Минатата година, и покрај тоа што бев фит, сепак во делот на стомакот имав маснотии и сало, а отсекогаш имав проблем со коленото и повреди на колкот.

Секогаш трчав на трака, возев точак во сала и голем фан сум на трчањето, пред десет години го основав и својот клуб на трачачи. Докторот ме советуваше да работам вежби со поголем отпор со тежини, за да создадам густина на коските и мускулите.

Така, се пријавив на осумнеделна тренинг програма со тежини. Почнав да кревам тежини пет пати неделно во сала за вежбање, наизменично помеѓу вежбите за горниот и долниот дел од телото, кои ги ангажираа сите мои основни мускули. Почнав да јадам помалку чоколадо и сладолед, да внесувам до 1.500 калории дневно и да внесувам повеќе протеини. 

 На крајот од тие осум недели, моето тело доживеа неверојатна трансформација. Имав мускули што никогаш претходно не сум ги видела и на мое големо задоволство - видливи стомачни мускули! Том мисли дека изгледам фантастично, а стоте дами во мојот клуб ми делат комплименти. Оние пак што не се толку по вежбањето мислат дека имам премногу мускули или дека сум преслаба. Но, јас се чувствувам фантастично и сега можам да кренам 75 килограми, а претходно не можев ниту еден! Многу е убаво чувството кога се чувствувате силно и имате „плочки на стомачните“, особено после три царски породувања. Едвај чекам да ги покажам моите мускули во бикини на одмор во Јужна Америка, каде летово ќе го прославам мојот 50. роденден.

 

Анџела Мидлтон (56), претприемачка

Анџела е основач и извршен директор на своја компанија за консултации, за што и била наградувана. Живее во Западен Лондон, има две деца на возраст од 25 и 26 години. Висока е 157 сантиметри, а тежи 46.7 килограми.

„Кога ќе си ги видам стомачните мускули не ми се верува дека пред само три години гледав во дебел стомак на жена која се препуштила на средните години. Отсекогаш работев кардио вежби и до 50-тата година јадев што и да посакам. Но, одеднаш килажата почна да ми се зголемува, особено во стомакот и околу половината. Тоа многу ме фрустрираше, па бев на 15 видови „bootcamp“ во еден месец, но немаше никакви резултати. Истата таа година, син ми почна да вежба и да крева тежини  и имаше одлични резултати, така јас во октомври 2016 година се запишав на таков тренинг и на нутриционистичка програма.

Во јануари 2017 година, имав изгубено само неколку килограми, но се држев до планот, што подразбираше вежбање пет пати неделно со тежини, клекнувања со тежини и пешачев - минимум 10.000 чекори дневно. Се откажав од тестенини и алкохол и спиев по седум и пол саати секоја ноќ. Адекватен сон помага при губење слабеење. Сега јадам до 1.900 калории дневно. Правам и до 15.000 чекори дневно секој ден. За осум месеци, мојот стомак го снема и добив совршени стомачни мускули. Се чувствувам силно, моќно и со многу самодоверба. Никогаш повеќе не сакам стомачните да ми се сокриени со маснотии. 

 

Каролин Звиклер (53), фотографка

Каролин има три деца на возраст од 25, 28 и 31 година. Нејзината висина е 165 сантиметри, а има речиси 52 килограма. Нејзината приказна гласи:

„Откако во 2017 година го запознав мојот парткер Мајк, кој е Американец, почнав често да го посетувам во Атланта, Тој организира забави на базен, а не постои ништо помотивирачко од тоа да можете или требате да  носите бикини во јавност.

Брзо пешачам по 6.5 километри дневно, при што ги ангажирам и мускулите и добро се потам. Исто така, практикувам јога четири пати неделно, што ги активира сите основни мускули, како и планк вежби.

Кога се разведов во 2002 година, се зачленив во јога студио, но немав ниту време, ниту пари за да продолжам. Но, кога наполнив 40 и децата пораснаа, сакав сите ние да бидеме поздрави и почнав да ја менувам и исхраната. И покрај тоа што внимавам што јадам, не сакам крајно да се ограничувам. Пред неколку години изедав цела торта, но тоа направи да се чувствувам очајно. Сега, секој ден си пијам по едно кафе и се честам со по десерт или парче торта. Ако имам минимум еден час активност, тоаш се враќа балансот. Сакам и другите жени да сфатат дека можат да изгледаат и да се чувствуваат вака исто, дека ништо не е недостижно“.

 

Џули Силвер (51), терапевт

Џули живее во Манчестер, има 51 година. Разведена е, има син кој е на 23-годишна возраст. Џули е висока 157 сантиметри, а има 47.6 килограми:

„Кога луѓето ќе ме прашаат колку имам години, генерално реакцијата се сведува на „Нема шанси!“. Отсекогаш бев слаба и со добро здравје, но често подуена, па изгледав како да сум бремена. Имаше еден момент во раните 40-ти, кога навистина не ми се допаѓаше како изгледам, како се чувствувам во тесна облека и колку сум бавна. После неколку годни мачење со вежби, се запишав на јога и вложив во мини трамболина. Си ветив дека секое утро, пред да тргнам на работа, макар 30 минути ќе посветам на вежбање. Следев јога инструкции од „јутјуб“ кога немав време да одам на час. Исто така, си купив неколку кетелбели  и ги користев понекогаш за кревање тежини. 

Почнав и да го „четкам“ телото - третман кој подразбира со цврста четка да го поминете целото тело за да ја подобрите состојбата на кожата. Пченицата ја исфрлив од исхраната. Подуеноста исчезна, а јас се чувствував помалку изморена.

Инспирирана од успехот, го намалив млекото и рафинираниот шеќер. Порано едвај чекав да стасам до десертот, а сега организмот веќе и не ми бараше благи работи. Формата и тонусот на телото се подобрија, имав многу повеќе енергија отколку во 20-тите или 30-тите. Најголемото изненадување беа дефинираните стомачни, кои отсекогаш ме мачеле. Неодамна, ме виде во бикини една дама и ми рече: „Би сакала да имам тело и стомачни како твоите“, јас ѝ одговорив дека со малку труд и напор и таа може да го постигне истото!

 

 

Објавено:
31 јули 2019
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
7.236 пати
Извор: 
daily mail