Кремата „Нивеа“ во сина кутија - потсетник на детство

12 мај 2020

Веруваме дека речиси и да немаше семејство во кое немаше „Нивеа“ во лимена сина кутија. Универзална крема која ја користевме за лице, тело, раце...

Потоа , лимената кутија ја користевме за разни ситни работи - копченца, шајки, ластичиња, шеќерчиња... на кој за што ќе му се најде и за што ќе му затеба.

Нивеа кремата уште ја нарекуваа и „мајка на сите креми“. 

Нејзиното име доаѓа од латинскиот збор „nix, nivis“, што значи снег, а токму снежно бела ѝ беше бојата. Тајната состојка е еуцеритот, кој се користел за да ги „врзе“ маслата со водата. Оригиналната крема содржела и глицерин, малку и цитрусна киселина, како и екстракт од роза и масла од лилјани.

Во 2011 година, се одбележаа 100 години од нејзиното постоење, а од брендот изјавија дека со годините многу малку се сменила есенцијата на кремата.

Уште еден интересен податок е дека првичниот изглед, односно дизајн на опаковката бил жолт со зелени букви. Четиринаесет години по лансирањето на кремата, направен е редизајнот, а сината кутија со белите букви, како што сите ја знаеме е пуштена во употреба од 1925 година.

Кремата беше толку популарна, што години подоцна од брендот одлучија тој мирис што буди носталгија, потсеќа на среќни семејни денови, младост и детство, да го преточи во парфем - NIVEA Eau de Toilette.

Интересно е и тоа што со години наназад е во петте најпродавани креми се уште, и покрај бројните иновации што ги нуди и самиот бренд, но и многу други. 

Какви сеќавања ви буди вам?

 

фото извор: pinterest.com; 

Објавено:
12 мај 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
596 пати