Лето и козметика: Што да чувате во фрижидер?

23 јули 2021

Топлото време не е баш идеално за чување козметика. Претпоставуваме дека најчесто ја чувате во бањата, каде што знае да има влага, или пак на масичката покрај креветот, каде што има сув воздух или пак продира светлина.

Доколку се пронајдовте во ова, тогаш уште на стартот да кажеме дека тоа не се идеални места за козметиката - медицинска и декоративна.

Стручните лица препорачуваат, а тоа го пишува (или барем би требало) и на производите, да се чуваат на темно и студено место. Во летниот период дури и во фрижидер.

Ќе си речете, кој ќе оди до кујна за секое шминкање или миење, но од козметичката индустрија мислат и на тоа, па во последно време се појавија и мини фрижидери, наменет токму за козметика.

А еве што се можете да сместите на ова темно и ладно место:

Медицинска козметика

Ако располагате со медицинска козметика која вклучува креми, серуми за хидратација или акни, специфични состојби на кожата и слично, подобро чувајте ги на студено, бидејќи топлиот воздух ги уништува активните супстанци и на тој начин ја губат ефикасноста.

Декоративна козметика

На жешко време, може да дојде до топење на кармините, сенките со кремаста структура, лабелата и слични производи, па за да ја задржат структурата, држете ги во ладилник.

Козметика со витамин Ц

Веројатно нема подобра состојка за хидрирање и освежување на кожата. Витаминот Ц се користи и во враќање на сјајот на кожата и третманите против стареење. Но, на собна температура тој ја губи својата моќ.

Природна козметика

Ако користите препарати кои се исклучително органски, тогаш мора да знаете дека високите температури не им се најдобар пријател. Најдобро е да ги чувате на ладно и темно место.

Парфеми

Можеби ова не ви изгледа многу логично, но чувањето на парфеми на собна температура или уште полошо во влажна бања ќе придонесе за нивно „испарување“. Тоа значи дека ќе го изгубат првичниот мирис кој можеби и ве привлекол

Маски за лице

Маските за лице за една до две употреби се исто така од оние нешта на кои местото им е во фрижидер, како и кремите за околу очи, а тука би ги ставиле и ролерите на кои секако им е потребно студенило.

 

Објавено:
23 јули 2021
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
460 пати