Научниците потврдија: Црвеното вино нѐ одржува млади!

25 декември 2014

Во пресрет на празничната сезона, конечно беше објавено истражувањето што можеби многумина го очекуваа! Истражувачкиот институт The Scripps од Калифорнија неодамна објави дека црвеното вино сепак нѐ оддржува млади.

Тимот на Институтот соопшти дека активната состојка ресвератрол содржана во виното, го намалува стресот и ја прочистува крвта, објави британскиот Fashion Telegraph.

Истражувачите појаснуваат дека токму оваа состојка е задолжена за спречување на оштетувањата на крвните садови и за спречување на згрутчувањето на крвта, со што се намалува и ризикот од срцеви заболувања.

Од истражувачкиот центар појаснуваат и дека грозјето содржи антиоксиданси што делуваат против слободните радикали и оневозможуваат да дојде до оштетување на ќелиите. Слободните радикали се инаку нестабилни молекули што ги напаѓаат другите молекули со цел да им ги одземат електроните за да станат стабилни.

На овој начин, се оштетуваат бројни структури на ќелиите, а најголемата штета настанува од оштетувањето на крвта. Кога ќе дојде до оштетување на крвта, настануваат мутации што може да бидат и канцерогени.

Семето на грозјето е инаку познато по високото присуство на антиоксиданси, што ги штитат срцето и крвните садови. За да се оствари позитивен ефект на виното врз организмот, се советува конзумирање на една до две чаши дневно, бидејќи повеќе од тоа може да има штетен ефект на другите органи.

Во име на младоста, оваа празнична сезона наздравете со чаша црвено вино!

Објавено:
25 декември 2014
Категорија: 
Убавина