Неколку трикови како да го олеснете секојдневното правење фризури

10 септември 2014

Веруваме дека сите девојки што имаат подолга коса секое утро се пред огледалото со дилема каква брза и едноставна фризура да направат. Во текот на спиењето косата се прекршува, така што секое ново утро горе-долу е момент со прашалници за тоа како да ја стилизираме косата пред излегување од дома. За девојките кои имаат природно кадрава коса, влажното време е најголем непријател кога косата треба да остане права и мазна. И за овој проблем има решение. Откако ќе ја испеглате со преса не излегувајте веднаш надвор. Бидејќи косата е се уште топла, лесно може да се прекрши и извитка. За да го избегнете овој проблем, по секое пеглање вклучете го фенот да дува ладно, и откако буквално ќе ја изладите косата таа нема толку лесно да се извиткува од влажниот воздух.

Уште еден трик кога станува збор за пресата за коса е оној што ќе го заштити влакното од пукање, а притоа ќе направи  одлични брановидни кадрици. Наместо да се обидувате да ги изведете техниките на вашиот фризер, пробајте нешто сосем поразлично. Откако еден прамен ќе го завиткате во форма на полжавче, истиот покријте  го со алуминиумска фолија која истовремено ќе ја заштити косата од директното изложување на висока температура, а ќе ви помогне да формирате совршени брановидни кадрици.

Имате проблем со високо врзаното коњско опавче кое постојано се разлабавува и спушта? И за ова постои трик. Откако ќе го врзете, косата превртете ја кон лицето, а на местото кај ластикот прицврстете две шноли кои ќе го држат високо и стабилно до темето, па нема да морате да го врзувате повторно и повторно.

Ако пак сакате да имате подолго коњско опавче, не мора да аплицирате екстензии. Поделете ја косата на два или три дела, опавчињата врзете ги едно под друго и веќе имате совршено долго опавче.

Лентата за коса може да има и поинаква функција освен таа едноставно да ја ставите како венче. Наместо тоа, околу ластикот завиткајте ја целата коса, а потоа кренете ја лентата и поставете ја како украсен детаљ кој веќе има двојна улога.

Објавено:
10 септември 2014
Категорија: 
Убавина