На крајот на секоја голема модна недела од светските модни недели ги сублимираме главните трендови за фризурата и шминката која се примени на моделите од писта. Покрај тоа што се чини дека еуфоријата е најголема пред публиката, сосема комплетно лудило владее и зад сцената каде секоја секунда од подготовките е драгоцена. Стилистите за фризура и шминка имаа полни раце работа со подготовките на косата и лицето од замислата на многуте дизајнери кои се претставија за време на осумдневното модно пулсирање во Њујорк. Со оглед на тоа што генерално дизајнерите се стремеа кон спортско-класичните изгледи, во таа насока очекувано беше да се движат и замислите за фризура и шминка. Минатите сезони можеби за повеќето беше новитет и изненадување акцентирањето на минималната шминка и природната коса, плетенките и мокриот изглед, но овој пат за следното лето на некој начин се стави вето на деликатните фризури и прејаката шминка.
Но, да почнеме со ред. Напомнавме дека стилизирањето на косата се движи праволиниски само кон природното, едноставното и ноншалантното. Слободно можете да им кажете збогум на екстензиите и деликатните форми на фризури, бидејќи стилистите за коса мултиплицирано се согласија кон трендот за едноставно пуштената и исфенирана или пеглана коса, природно исушена, собрана во пунџа, силно стегната во ниско врзан коњски опаш и таквата со плетенки.
Иновативноста во овој дел некако затаи, но се појавија и неколку нови моменти посебно од презентацијата на Дона Каран, каде манекенките имаа нов вид на плетенка чии техники на изведба допрва ќе ги истражуваме, а и не се сомневаме дека истата ќе стане апсолутен хит.
Дона Каран
Проенза Скулер, Родарте, Версаче, Томи Хилфигер, Викторија Бекам, Моник Лулуе, се само малкуте имиња кои одлучија да ја прикажат жената што е сигурна во моќта на едноставноста и природното. Од нивните презентации не видовме ништо поразлично освен волуменот на пуштените или испегланите коси, страната на патецот и мокриот изглед.
Хуго Бос, Rag&Bone, Версаче, Марк Џејкобс
Се на сè, тие пратија јасна порака дека понежниот пол за следното лето не треба да се оптоварува со тешки и деликатни фризури, туку да ужива во брзото и практично стилизирање на косата. Сепак, константно се провлекуваа и пунџите како строго собраните, така и оние едноставните, а такви забележавме од ревиите на Алтазура, Келвин Клајн, Филип Лим.
Филип Лим, Алтазура, Келвин Клајн
Дизајнерите Мајкл Корс и Вера Ванг со оглед на тоа што во претставувањето имаа и креации во рамките на боемскиот фазон, таквите изгледи ги заокружија со едноставни плетенки.
Мајкл Корс, Вера Ванг
DKNY
Кога веќе фокусот од фризурите се постави на едноставноста, во истата насока се комплетираше и шминката. Стилистите за шминка за следната сезона посочуваат дека ќе ви бидат потребни само: пудра, коректор, маскара и руменило. Дефинираните контури, совршено обликуваните веѓи, дискретно нагласените очи или пак само малку заруменетите усни, стојат на пиедесталот и тешко дека ваквиот нивен статус ќе се промени и од следните сезонски претставувања, судејќи по тоа дека веќе извесен период природната убавина на жената и избегнувањето на таканаречената совршеност се изземаа.
Филип Лим, Александар Ванг, Алтазура, Ралф Лорен
Ревијата на Марк Џејкобс речиси беше и „најекстремната“ во тој поглед. Покрај тоа што фризурите на манекенките беа исти како штотуку да ја исушиле косата на сонцето, шминката пак сосема се исклучи во буквална смисла на зборот, а манекенките на лицата имаа само лосион што дополнително го нагласи свежиот изглед.
Марк Џејкобс
Нема сомнеж дека ваквиот изглед јасно генерира ослободување од тешките корекции, бои, контрасти и вештачки создадената убавина. Модерната и современа жена според дизајнерите е таа што е сигурна во моќата која ја праќа силата на природата.