Природна седа коса за бестрашни жени!

31 август 2015

И додека поголемиот дел од девојките се нервираат што на многу рана возраст веќе мораат да се соочуваат со белите влакна, има жени кои намерно ја бојат косата во овие нијанси за да изгледаат шик! 

Доколку оваа есен сакавте некаква промена, сивите нијанси се совршениот избор за почеток на уште една стилска сезона. 

Денеска ви пренесуваме една инспиративна приказна за пет пријателки кои неколку години не ги бојадисувале косите и добиле природни и прекрасни сиви нијанси кои нам особено ни се допаѓаат! 

Денис О’Нил, 52 

„Како и секоја друга физичка трансформација и добивањето седа коса со текот на годините е многу страшно. Кога престанав да се фарбам и го почнав процесот, ми беше навистина тешко. Почнав да се фарбам кога имав 30 години, но дури на 46 сфатив дека црната коса ме прави многу постара. Целата година додека не ја фарбав косата се чувствував ужасно и каде и да одев се извинував за мојот изглед. Но, по цела една година, денеска, кога косата ми е природно седа, се чувствувам подобро и позабавно од кога и да е“, раскажува Денис. 

Шерон Роџерс, 51 

„Мојата мајка никогаш немаше бели влакна, додека јас првото мое го забележав на 15 години. Веќе во 20 – тите, почнав интензивно да ја бојадисувам косата и тоа ме измачуваше. На 44, веќе одлучив да не ја бојадисувам и да ја оставам природно да ми белее. На почетокот ми беше многу тешко, сите ми зборуваа дека веднаш треба да ја обојам косата и дека не изгледам убаво. Но, со помошта на Денис, го издржав целиот процес и денеска можам да се пофалам со квалитетна и прекрасна, природно седа коса“, вели Шерон. 

Рос Џонстоун, 50 

„Еднаш си реков дека пред шестата деценија од животот, косата сакам да ми биде целосно седа и тоа го постигнав благодарение на Шерон. Се чувствував толку непривлечна на почетокот, но Шерон и Денис ме натераа да се фотографирам секој ден и тоа навистина ме мотивираше и ме охрабри. Благодарение на моите пријателки, денеска уживам во моите 50 – ти со поголема самодоверба од кога и да е“, вели Рос. 

Рејчел Томас, 44 

„Серија трауматични настани направи поинаку да гледам на работите и на тоа косата секогаш да ми биде совршено бојадисана. Изгубив драги личности и тоа ме натера да сфатам дека животот е краток и дека надворешниот изглед воопшто не е толку важен. Овие денови го исеков и последниот прамен бојадисана коса и со сопругот наздравивме со шампањско“, завршува Рејчел. 

Ванеса Милс, 52 

„Мојот сопруг отсекогаш ми велеше дека треба да ја оставам косата да ми расте природно и да не ја бојадисувам. Но, јас не бев доволно храбра за таков чекор, ми требаше некаква поддршка. Некако ние жените сме навикнати да мислиме дека седата коса е синоним за стара жена. На моите пријатели не им се допадна мојот изглед, но јас издржав до крајот на процесот и денеска сум навистина среќна“, вели Ванеса. 

Доколку отсекогаш ви се допаѓал ваквиот изглед, а веќе имате по некое бело влакно, воопшто не двоумете се да ја одморите косата од бојадисување и да пробате еден сосема поинаков и шик изглед!

Објавено:
31 август 2015
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
2.468 пати