Природни начини како да ги победите плускавците

18 мај 2020

Со доаѓањето на убавото време, сигурни сме дека дел од вас мака мачат и со плускавци на нозете. Новите чевли или неудобни често можат да предизвикаат проблем кој може да резултира со болки во целата нога, а и рани.

Доколку се препознавте, во продолжение ќе ви посочиме на неколку домашни рецепти за тоа како побрзо да ги санирате плускавците, за да не чекате со денови. Но, пред сè, бирајте удобни и квалитетни обувки, тие ќе го продолжат здравјето на вашите нозе. Сепак, ако и покрај тоа ги имате проблемите, прочитајте го текстот во продолжение:

Зелен чај/ Чај од камилица

Зелениот чај има антивоспалителни својства кои ќе помогнат побргу да се спасите од болните плускавци. Сварете три вреќички зелен чај и додајте една лажица, односно 5 гр. сода бикарбона. Оставете чајот да се излади, а потоа повреденото место натопете го со течноста. Доколку ви е полесно, можете да ја истурите течноста во сад, во кој потоа ќе ги ставите и стапалата, или пак да го поминете местото со газа натопена во чај.

На истов начин можете да го користите и чајот од камилица, но без сода бикарбона. 

 

Алое вера

Доколку имате дома алое вера, намачкајте ја раната односно болното место и резултатот ќе го видите набрзо. Исто така, во процесот на лекување на плускавците ќе биде од помош доколку внесувате храна богата со витамин Е.

Лимон

Лимонската киселина присутна во лимонот ја омекнува задебелената кожа на плускавците и помага во побрзо отклонување на истата. Исцедете лимон и можете да го нанесете сокот директно на плускавецот и да оставите да се исуши. Постапката можете да ја повторувате 2 -3 пати дневно. Втора опција е да направите густа смеса од цеден лимон и малку пивски квасец. Добиената смеса нанесете ја на плускавецот, покријте го со памук, па фластер и оставете да дејствува преку ноќ.

Бел оцет (разблажена оцетна киселина 9%)

Овој природен лек има антибактериско и антигабично дејство, а еве што треба да направите: Пред спиење, во помал сад помешајте 1 лажица бел оцет и 3 лажици вода. Со памукче нанесете ја течноста преку плускавецот (добро нека се натопи). Потоа, прекријте го со фластер и оставете да дејствува во текот на ноќта. Следното утро, плускавецот истретирајте го со камен за пети или турпија, со нежни движења. На крајот, измијте ги нозете и намачкајте со хидрантна крема или масло.

Објавено:
18 мај 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
411 пати