Природни рецепти за збогум на првутот

16 декември 2020

Постојат податоци кои велат дека две третини од луѓето макар еднаш во животот се среќаваат со проблемот наречен првут. Без разлика дали имате сува или масна кожа, можете да се соочите со белите точки и непријатното чешање на главата.

Дерматолозите советуваат почесто миење на косата, дури и на оние со масна кожа, но секој си е приказна за себе и доколку имате агресивен односно упорен првут, кој не поминува, тогаш дефитивно пред да користите било што консултирајте се со доктор. Причините можат да бидат различни - од габични инфекции до кожни заболувања.

Но, ако имате некоја блага форма и притоа не сакате да користите агресивни средства, можете да пробате неколку алтернативни решенија. 

Ние најдовме неколку природни рецепти, прочитајте ги, можеби нешто од ова ќе ви помогне:

Алое вера - одлична за иритации што предизвикуваат чешање или ранички. Можете да ја нанесете на главата во облик на крема или гел и добро измасирајте го скалпот. Користете ја на мокра коса, пред да ја измиете косата со шампон.

Аспирин - овој лек содржи салицилна киселина, која се наоѓа во составот и на многу шампони. Што да направите - иситнете го аспиринот во прав и додадете го во вашата вообичаена доза шампон со која ја миете коса. Миксот оставете го да стои на коса неколку минути, а потоа измијте ја косата со вода.

Сода бикарбона - таа може да го замени шампонот против првут. Втријте ја на влажна коса и добро измасирајте го скалпот, а потоа измијте ја косата. Ако можете не користете регенератор, туку непослушните врвови средете ги со некое од маслата за коса. Содата ќе ги уништи габичките.

Масло од кокос - Ако имате крлушки од првут, тогаш користете кокосово масло. Нанесете го на косата и оставете да стои два часа. Потоа, измијте ја косата со шампон.

Лимон - Лимонот се користи и при сув и при масен облик на првут. Две лажици исцеден сок од лимон нанесете на коса и масирајте го сувиот скалп. Оставете десет минути да делува и измијте со млака вода. Оваа постапка можете да ја повторите после миењето на коса ако има потреба.

 

Објавено:
16 декември 2020
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
452 пати
Тагови: 
коса првут