Низ социјалните мрежи периодов има неколку вирални коземтички трикови на социјалните мрежи, а ние одлучивме да пробаме неколку од нив.
Во продолжение ќе ви ги кажеме нашите впечатоци:
Мраз или ладни камења за сјај
Употребував мраз, со кој го поминував лицето. Ако сте премногу чувствителни, ставете го во марамче и на тој начин поминете ги деловите на лицето, со исклучок на очите. Ова го правев околу 5 до 7 минути, бидејќи имам почувствителна кожа и ми беше страв да ја изложувам премногу долго.
Не добив некој фантастичен сјај на кожата, но она што се покажа како корисно е што кожата после тоа ми изгледаше поодморно. Исто така, со оглед на тоа дека ова го правев кон крајот на денот, ја намали потеченоста на кожата која ми се јавува при жешки денови, како и црвенилата и е одлично за инстантно опоравување и освежување на кожата. Ако имате „кугли од мраз“, тогаш ефектот што ќе го постигнете ќе биде и нешто подобар. Секој ден краток третман ќе ви ја направи кожата позатегната.
4/5
Bubble face mask
Има неколку типови на маски со меурчиња. Некои се нанесуваат на лицето со прсти, додека пак, другите се готов „шаблон“ подготвен да се нанесе на лице директно. Користев една на база на природен јаглен, на првиот принцип. Чувството е интересно и забавно, скокотливо :) Маската треба да се нанесе на претходно измиено и суво лице. Штом ја нанесов, веднаш почнаа да се создаваат меурчиња, за после 10-тина минути да исчезнат и да ја почувствував кожата леплива. Но, кога ќе се нанесе малку вода, маската се претвора во гел и дополнително ја масирате кожата. На крајот се измива убаво, а резултатот е одличен!
Лицето ми беше побело речиси за цела нијанса. Нечистотиите излегуваат на површина и уште полесно се отстрануваат. Кожата е мека и свежа, после тоа нанесов и крема за хидратација и бев задоволна од тоа како лицето ми изгледаше после напорен ден.
5/5
Маска со куркума
Оваа маска е огромен хит на тик ток. Читав различни искуства, од тоа дека бојата никако не може да се отстрани, до тоа дека е непрепорачлива за сува кожа. Со оглед на тоа дека имам дехидрирана кожа на лицето, не ми се ризикуваше да ставам само зачин во прав на кожата, па одлучив да помешам лажичка куркума, со лажичка мед и една лажичка грчки јогурт.
Оставив да постои 10тина минути, а потоа ја измив маската. Кожата ми беше мека и чиста, но да бидам искрена не можев баш добро да го поднесам мирисот на куркумата, па не знам баш и дали би ја повторила. Инаку, да знае да остави малку боја на рацете, но далеку од драматично искуство. Боите за јајца потешко се симнуваат. Инаку, овој зачин е добар и при третирање на хиперпигментација, проблем што исто така го имам, но секако дека од два пати нанесена маска не може да се види некој значителен ефект. Со оглед на тоа дека ефектот на мека и чиста кожа можам да го постигнам и со други домашни маски, не сум од оние што би ја користеле често.
3.5/5