Седум трендови за убавина од њујоршката модна недела

20 февруари 2015

Конечно, вчера заврши Модната недела во Големото јаболко со што се заокружија уште неколку фасцинантни трендови што допрва ќе ги гледаме. Иако колекциите што таму беа претставени се за следната есен, некои од трендовите совршено ќе се вклопат и во претстојната пролет.

Меѓу нив и овојпат на пиедестал беа ставени „неуредните“ плетенки, едноставните опавчиња украсени со сребрени ленти, впечатливиот ајлајнер и темно црвениот кармин, но и сосема чистото лице со минимална „nude“ шминка.

Она на што ние потајно се израдувавме беа „банана“ фризурите кај Оскар де ла Рента кои дефинитивно нѐ вратија години наназад кога тие беа толку обожувани.

Во продолжение, погледнете седум од многуте трендови од њујоршката модна недела за кои допрва ќе пишуваме.

1.Впечатливиот ајлајнер кај девојките на ревијата на Оскар де ла Рента, уште еднаш ни потврди дека никогаш нема да излезе од мода. Кога сакате да изгледате гламурозно и софистицирано, тогаш впечатливата линија на црн ајлајнер ќе направи вистинска магија. Плус, „банана“ фризурите што модната куќа ги врати на сцената, беа нешто што особено нѐ израдува!

2.Дефинитивно, единствената боја што важи за најдобра кај кармините и овојпат е темно црвената која секогаш е толку секси и прави да изгледате едноставно волшебно! Без разлика на тоа која нијанса ќе ја одберете за да блеснете, бидете сигурни дека ќе бидете ултра впечатливи како девојките на Каролина Херера, Маркеза и Филип Лим.

3.Нешто што секогаш е во мода е беспрекорната кожа за која секогаш апелираме дека секоја девојка треба да се грижи, без разлика на годините. Токму таква можевме да видиме кај девојките на ревиите на Ралф Лорен, Келвин Клајн и неколку други дизајнери кои прикажаа минимална нежна шминка и чисто и совршено лице.

4.Темниот кармин во комбинација со темната сенка кај Марк Џејкобс можеби малку нѐ потсети на студените есенски денови за кои тој и ја намени колекцијата, но сепак, никако не смееме да кажеме дека трендот не е ултра шик! Кога на истиот пак ќе му додадеме високо крената пунџа на која краевите и се нагласени и едноставно пуштени, тогаш пред вас го имате вистинското решение за урбана пролет.

5.Едно од основните правила што важат во светот на женската нега, се дефинитивно негуваните и секогаш средени нокти. Доколку не сте од оние девојки кои се обожавателки на впечатливите нијанси на лакови, тогаш оваа пролет ќе биде дефинитивно ваша. Покрај неколкуте интересни асиметрични маникири што можевме да ги видиме, годинешната Модна недела во Њујорк дефинитивно помина во знакот на нежните и речиси незабележителни нијанси на лакови.

6.Проенза Скулер на годинешната Модна недела реши еден од најголемите проблеми на девојките! Таа на сцена ги врати траките за коса за кои веруваме дека ќе бидат вашите најдобри пријателки кога ќе ви се случи непосакуваниот bad hair day!

7.Кога сакате да се издвоите од толпата, тогаш земете пример од одличната и несекојдневна шминка што можевме да ја видиме кај Родарте. Доколку немате или пак не ви се допаѓаат нивните кристали поставени под очите, тогаш употребете едноставно сребрено или бело моливче со малку светки во него и исцртајте едноставна линија.

Објавено:
20 февруари 2015
Категорија: 
Убавина